Во рамки на посетата на Њујорк, Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи одржа брифинг со новинари на кој ја презентираше неговата агенда во САД и клучните пораки што ќе бидат испратени на состаноците со светските државници.
Имено, Османи на покана на швајцарското Претседателство со Советот за безбедност на Обединетите нации, што започна овој месец, попладнево ќе се обрати на специјална сесија на Советот посветена на приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и соработката помеѓу ОБСЕ и ОН – 30 години од рамковната спогодба. Во однос на тоа, Османи на брифингот истакна:
„Работиме на две траектории во нашата надворешна политика. Едната е Северна Македонија како Претседавач со ОБСЕ преку која ја праќаме нашата порака дека како мултиетничка функционална демократија можеме да понудиме поддршка на регионалните, но и светските процеси на помирување и дијалог, а доказ за тоа е дијалогот помеѓу Србија и Косово кој неодамна се одржа во Охрид, но и моите посети во својство на Претседавач на другите региони на ОБСЕ во кои е потребно засилување на безбедноста и одржување на стабилен мир.
Втората е Северна Македонија и ЕУ и нашата активност поврзана со скрининг процесот како и процесот на уставни измени што земјата мора да ги спроведе”, рече Османи на брифингот.
Во рамки на првата цел, претседателството со ОБСЕ, Османи го оцени обраќањето пред Советот за безбедност како исклучителна можност за претставување на приоритетите на Северна Македонија и повик за акција до сите светски лидери.
„Војната што се одвива во нашиот двор, во Европа, од која последиците се далекусежни и глобални, бара итна заедничка акција. Потребна ни е синергија помеѓу ОБСЕ и ОН за постигнување мир за сегашните и идните генерации”, ќе биде една од главните пораки што ќе ги упатам од Советот за безбедност, рече Османи на брифингот.
Во однос на обврските на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ, Османи истакна дека целата енергија на државата и нејзините институции е насочена кон успешно завршување на тој процес.
Османи рече дека Министерството за надворешни работи е вклучено во процесот на подготовка на текстот на уставните измени преку свој претставник во работната група, а тој лично во барањето на поддршка за тој процес од страна на пријателите на Северна Македонија од меѓународната сцена.
„Сценариото за одвивање на овој процес е утврдено согласно преговарачката рамка, но ја знаете изреката ‘Ѓаволот е во деталите’. Сакаме да ги имаме предвид размислувањата на сите земји-членки, размислувањето на Република Бугарија и динамиката на процесот за да ги имаме пред нас сите комбинаторики. Нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирањето на уставните измени да се отвори првото поглавје”, рече Османи на одговор на новинарско прашање во однос на процесот на уставните измени.
Формулирањето на текстот на уставните измени е во тек како активност на работната група, потоа следи јавната дебата во која ќе бидат вклучени сите општествени чинители и тоа ќе биде најсуштинскиот дел од дебатата, рече Османи.
„Кога граѓаните ќе ги прочитаат амандманите ќе сфатат дека сè претходно на што бевме сведоци било дел од една партиско-политичка пропаганда и обид да се влее страв кај граѓаните, да се поларизира општеството, да се ловат политички поени и мислам дека ќе бидат деконструирани сите тие обиди”, потенцираше Османи.
Во однос на ставот на опозицијата, која не дава поддршка на процесот на уставните измени, Османи повтори дека самиот процес ќе покаже дека конструкциите на опозицијата се само партиско калкулантсво на сметка на иднината на државата.
„Процесот на јавна дебата ќе биде отворен и транспарентен. Секој граѓанин ќе има можност да ги каже своите ставови вклучително и пратениците, и од власта и од опозицијата. Кога вистината ќе излезе на виделина, а тоа ќе биде кога ќе биде подготвен текстот на уставните амандмани, ќе паднат во вода сите конструкции на опозицијата. Доколку тие и понатаму го кочат процесот ќе треба тие да им дадат одговор на граѓаните зошто ставаат пречка на напредокот на државата”, рече Османи.