Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, чија партија Нова демократија победи на вчерашните парламентарни избори, денеска изјави дека нема да формира коалициска влада и се надева дека ќе има нови избори на 25 јуни.
Мицотакис ова го изјави во разговор со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, која формално му понуди можност да формира коалиција врз основа на Уставот, објави Ројтерс.
На изборите одржани вчера, грчката владејачка Нова демократија освои 40,8 отсто од гласовите пред левичарската Сириза, која доби 20,1 отсто од гласовите врз основа на повеќе од 90 отсто преброени гласачки ливчиња.
Според овие резултати, Нова демократија нема да може сама да формира влада, објави Ројтерс.
Грчкото Министерство за внатрешни работи предвидува дека Нова демократија би можела да освои 145 места во Парламентот, шест помалку од апсолутното мнозинство.
Сириза освои 72 мандата, ПАСОК 41 мандат, Комунистичката партија 26, а десничарската партија „Грчко решение“ 16 пратенички места.
Грчката претседателка од денеска ќе им даде рок на првите три партии на изборите – Нова демократија, Сириза и социјалистичката ПАСОК – по три дена да формираат коалициска влада.
Доколку партиите не можат да формираат влада, Сакеларопулу ќе назначи преодна влада која ќе го подготви одржувањето на нови избори, кои потоа треба да се одржат за околу еден месец.
Грчкиот премиер и лидер на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, кој постојано повторуваше дека сака силна еднопартиска влада, изјави дека верува оти добил јасен мандат.
Резултатите од гласањето се одлучувачки. Тие покажуваат дека Нова демократија има одобрение од народот да владее, силна и независна, им порача синоќа Мицотакис на своите поддржувачи пред седиштето на партијата во центарот на Атина.
Лидерот на Сириза, поранешниот премиер Алексис Ципрас телефонски му ја честитал победата на Мицотакис.
Г. Т.