Украинското Министерство за одбрана соопшти дека Русија планира да лажира нуклеарен инцидент во електраната Запорижја. Министерството наведува дека неговото разузнавање сугерира дека Русите планираат да „лажираат“ несреќа во објектот – што беше запленет од руските војници во март минатата година. Според украинското Министерство, со ваквиот потег Русија сака да предизвика прекин на огнот во тој регион и инцидентот да и го припише на Украина, објави Ројтерс.
Нивна цел е да ја испровоцираат меѓународната заедница и да спроведат детална истрага која бара прекин на огнот. Русите ќе ја искористат оваа пауза за да го прегрупираат окупацискиот персонал и да ја запрат украинската контраофанзива, велат од Министерството.
Министерството за одбрана тврди дека Русите ја „саботирале“ планираната ротација на персоналот на набљудувачката мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во централата. МААЕ не спомена таков прекин, наведува Скај Њуз.
Руските трупи ја зазедоа електраната Запорижја – најголемата нуклеарна централа во Европа – во раните денови на инвазијата. Оттогаш, областа е постојано гранатирана, а двете страни меѓусебно се обвинуваат.
Г. Т.