Социјалната мрежа Твитер се повлече од доброволниот кодекс на Европската унија за борба против дезинформациите на Интернет, објави Европската комисија. Комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон истакна дека Твитер се откажува од доброволниот Кодекс на добра практика за спротивставување на дезинформациите. „Но, обврските остануваат. Можете да бегате, но не можете да се скриете“, напиша Бретон на Твитер доцна синоќа, пишува Политико.
Кодексот вклучува обврска за следење на политичкото рекламирање, прекин на финансирањето на авторите на дезинформации и соработка со организации за проверка на факти. Бретон рече дека борбата против дезинформациите ќе биде законска обврска според таканаречениот Акт за дигитални услуги, кој стапува во сила на 25 август.
Новиот закон, исто така, значи дека компаниите ќе мора да ги ублажат своите платформи и да ги отстранат штетните содржини како што се дезинформациите и да имплементираат протоколи за да го блокираат нивното ширење. Компаниите, исто така, мора да ја зголемат транспарентноста во однос на нивните клиенти и да ги поедностават договорите со нив.
Twitter leaves EU voluntary Code of Practice against disinformation.
But obligations remain. You can run but you can’t hide.
Beyond voluntary commitments, fighting disinformation will be legal obligation under #DSA as of August 25.
Our teams will be ready for enforcement.
— Thierry Breton (@ThierryBreton) May 26, 2023
„Нашите тимови ќе бидат подготвени за спроведување (на законот)“, напиша Бретон.
Твитер и другите социјални мрежи, вклучително и ТикТок, Мета и Гугл, го потпишаа доброволниот кодекс во 2018 година. Комисијата во февруари годинава, објави извештаи за тоа како платформите го спроведуваат кодексот и забележа дека Твитер не доставил „конкретни информации ниту целни податоци“ поврзани со обврските за транспарентност.
Г. Т.