Северна Македонија е голем пријател на САД и е земја кон која прво се обраќаме кога ни е потребна помош, ние сме партнери во борбата за заштита на суверенитетот на Украина и треба да се осигураме дека Русија ќе ја плати цената за бруталната агресија таму, рече американскиот сенатор Крис Марфи во гостувањето во ТВ Сител.
Партнери сме во поддршката кон нашите сојузници од Авганистан. Ние сме и економски партнери зашто се повеќе компании од САД доаѓаат во Северна Македонија за разлика од било кога претходно, а сега сме официјално и безбедносни партнери, рече Марфи.
Тој додаде дека сега Северна Македонија има директна безбедносна гаранција од САД.
Следниот чекор е јасен, а тоа е Северна Македонија да се приклучи во Европската Унија. Ова е поважно од било кога зашто Русија се заканува на Европа и САД, а Кина делува се поагресивно насекаде низ светот. Односите Европа-САД се највитални досега. Така што, ако сте партнер на САД од Европа, мора да бидете дел од Европската Унија сега. Ова е најважно во моментов, истакна сенаторот од САД.
Тој додаде дека тука е за да се осигури дека САД прават се што е можно за да и помогнат на Северна Македонија кон ЕУ и да ги охрабри лидерите да направат тежок избор, кој е неопходен со цел да се стигне до ЕУ.
Знам дека има дилеми дали некогаш Северна Македонија ќе влезе во Унијата. Можам да ви кажам дека кризата во Украина е можност, бидејќи ЕУ сега гледа дека е под закана и сака да ја внесе Украина во ЕУ, но не може да ја внесе Украина без да ги внесе земјите од Балканот. Така што, има нова отворена врата и сега е моментот кога Северна Македонија треба да покаже дека е сериозна кон приклучувањето во ЕУ, зашто ако се направи чекор наназад таа врата може да се затвори. Тоа е пораката која ја донесов овде, рече Марфи.