Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во рамки на посетата на Братислава каде учествува на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023, даде изјава за медиумите.
„Како одговорен дел од меѓународната заедница, членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ и земја со започнати преговори за членство во ЕУ, ние имаме обврска и должност активно да учествуваме со свој придонес кон колективната одговорност за мирот, за градење на демократијата и човековите права, како и за негувањето на добрососедските односи, бидејќи единствено така може да маме стабилен и економски силен регион и на Европа во целина“, порача Ковачевски.
Според него, приликите кои се случија на европскиот континент го променија светот неповратно во текот на изминатата година и половина.
„Тоа беше сигнал за Владите дека ако сакаме да ја добиеме оваа битка во економска и енергетска смисла мора да направиме многу, да дејствуваме итно, но да бидеме солидарни, сплотени и да делуваме и дејствуваме заедно. Само така, може и успеавме во текот на изминатата практично тешка зима да се справиме и со енергетската и со економската криза и да обезбедиме за нашите граѓани непречено снабдување и со енергенси, електрична енергија и храна и да обезбедиме доволно финансиски средства во буџетот за да можат да бидат финансирани сите функции во државата непречено“, истакна премиерот.