„Иако ветуваа хумана урбанизација, повеќе зеленило и бришење на градежни маркици, Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ на јавна анкета изложија предлог-ДУП кој значително ќе го намали квалитетот на живот во Лисиче. Намален проток на воздух, густ сообраќај, хаос од паркирани возила, чести проблеми со водоводната и канализационата мрежа се само дел од предизвиците кои им се закануваат на Лисичани, доколку овој ДУП се изгласа на Совет“, објави координаторот на советничка група на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром, Милутин Ристески, за како што вели, спорниот Детален урбанистички план кој предвидува 9 висококатници на влезот од населбата.
Тој истакнува дека „Советничките група на СДСМ и коалицијата остро ќе се спротивстави на усвојувањето на овој ДУП во Советот на Општина Аеродром, а прашањето ќе го отвори и преку советниците во Град Скопје“.
„Профитот на поединци не смее да биде пред интересот на граѓаните. Само со здружени сили можеме да се спротивствиме на изгласувањето на овој исклучително штетен ДУП и да го спасиме Лисиче од бетонизацијата која му се заканува“, вели Ристески.