Властите на Хрватска и на Украина денеска во Кијив постигнаа договор во врска со користењето на хрватските пристаништа за извоз на украинско жито, јави Украинформ.
Како што се наведува во соопштението на хрватското Министерство за надворешни работи, ова е резултат од денешните разговори меѓу шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба и хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ-Радман.
„Се договоривме за можност за користење на хрватските пристаништа на Дунав и Јадранското Море за транспорт на украинско жито. Сега ќе работиме на воспоставување на најефикасните рути до овие пристаништа и максимално искористување на оваа можност. Секој придонес за деблокирање на извозот е вистински, ефикасен придонес за светската безбедност на храната. Благодарам на Хрватска за конструктивната помош“, изјави Кулеба.
Според него, главна тема на денешните разговори било оружјето, пренесува РСЕ.
„Разговаравме за натамошна поддршка од Хрватска, а се заблагодарив и за веќе укажаната помош. Од очигледни причини, нема да откривам детали. Само ќе кажам дека има конкретни договори кои наскоро ќе бидат спроведени“, истакна украинскиот министер.
Двајцата министри разговараа и за подготовките за Меѓународната донаторска конференција за деминирање во Украина, што ќе се одржи во октомври во Загреб.
Министерството за надворешни работи соопшти дека преговорите и прес-конференцијата во Кијив се одвивале во „хибриден формат“. Дмитро Кулеба учествуваше онлајн, бидејќи беше во самоизолација по позитивен тест на КОВИД-19.
Грлиќ-Радман на Твитер напиша дека пристигнал во Кијив со цел да постигне договор за продолжување на помошта на Хрватска за Украина.
„Хрватска продолжува да дава силна поддршка – вклучително и повоено закрепнување во деминирањето и рехабилитацијата, енергетската инфраструктура, олеснувањето на извозот на жито, обезбедувањето одговорност за злосторствата и процесот на пристапување во Европската унија“, рече шефот на хрватската дипломатија.
На 17 јули Кремљ објави раскинување на Договорот за извоз на жито преку Црното Море, што Русија и Украина го склучија одделно во јули 2022 година со ОН и Турција во Истанбул. По повлекувањето од договорот за жито, Русија ги интензивираше своите напади на југот на Украина, особено на пристанишната инфраструктура во Одеса.
Г. Т.