Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Вообичаено не ми се за гледање интервјуата со Мицкоски поради ниското ниво на изразување, збрканост на мислата, контрадикторноста и неинформативноста.
Но заради колумната на Љупчо Поповски решив да го погледнам последното, на Алфа. Навистина, како што тврди Љупчо Поповски, опуштен беше гостинот, дури и претерано опуштен скоро цело време. Освен во еден момент кога скршна некаде непланирано, и Горан Момировски се обиде да го прекине за да го спаси својот омилен фирер.
За Џабир Дерала зборувате?
21:41 Мицкоски: …вие се сеќавате на тие портали на еден член таму на раководството на ДУИ на ден Прочка кога одеше пред семејниот дом на сестра ми кога лажеа дека тоа било мој, овај, речи го, мој скриен имот, и така натаму, излегоа на суд, еден против еден таков, бидејќи навистина и на моето трпение дојде крај, морав да покренам…
Момировски: За Џабир Дерала зборувате?
Мицкоски: Да, да, да.
Момировски: Мислам дека тој е повеќе со СДСМ отколку со ДУИ.
Мицкоски: Не, но сѐ почна од еден портал што е…
Момировски: Аха, добро, добро, добро…(се однесува како да му треба спас на Мицкоски)
Мицкоски: …близок до… Не знам таму што е …чч.. Во ДУИ…(се подместува, потстанува од столчето, гледа во масата)…Не е ни битен… (Ја поткрева дланката)… Него, друго сакам да кажам…
Отворено признание дека немал бубрези да се закача со „блиските“ на ДУИ, па ајде, мавај по самарот.
Протестите на ВМРО-ДПМНЕ биле без инциденти, а Шарената била насилна!?
8:29 Мицкоски (за Јовева): „…никој од нас не ја ни знае дека постои, да не се, овие, медиумите што некако ги промовираат ставовите на Владата, немаше ни да знаеме дека постои…“
Фала за отвореното признание дека поголемиот број медиуми си ги држите за узда, освен „овие“ некои што „некако“ ќе успеат да дојдат до збор.
Медиуми што му верувате, берете си ум, не сте баш цветно чисти, оти вистината вwти, вwти…
37:13 Момировски: …многумина и лично ми рекле зошто ВМРО-ДПМНЕ не излезе на улица, зошто не излезе од Парламент, зошто не влезе во институциите и да преземе власт?
Мицкоски: Јас не ги обвинувам тие луѓе и тие луѓе се, како да кажам… во право, кога емоцијата ги совладува и тоа го бараат од ВМРО-ДПМНЕ…
(Потоа кажува како протестите на ВМРО-ДПМНЕ биле без инциденти, а Шарената била насилна).
Предноста на циглите пред квалитетот на животот што го нуди ВМРО-ДПМНЕ
Инаку ние нафта пиеме, ВМРО-ДПМНЕ сигурно никаква врска немал со инцидентите на 27 април.
Но, така да си знаете, Мицкоски отворено ви кажува, сите што мислите некој од ВМРО-ДПМНЕ да ве влече за нос па да крвосувате нечии глави или да фрлате молотови коктели, да, ВМРО-ДПМНЕ ќе се трга од вас како ѓавол од крст. Веќе ви го направи тоа за 27 април. И мисли и понатаму тоа да го прави. ВМРО-ДПМНЕ да излезе од инцидентот чисто како изворска вода, а вие гнасни како тиња.
Одлична информација како за неконцентрирано дрдорење, бидејќи дури и за себеси, Мицкоски изгледа го заборави оној што „требаше да го убие“ (зборови од Мицкоски лани). Или тоа не го смета за инцидент, оти ја намести сцената за самиот да изгледа како маченик во очите на светот.
Или, можеби повредите и навредите кон луѓе не ги смета за инциденти, туку циглите од државниот имот, како што Момировски понатака го наведе да каже.
Можеби заради предноста на циглите пред квалитетот на животот која ја даваат, ВМРО-ДПМНЕ во секоја прилика инсистираат на тоа колку се добра работа емоциите – оти не ги разбираат. Не е емоција, друже, тоа за што Момировски те прашува.
Со прстот на главата; циглите се негова татковина
Од интервјуто на Алфа со Мицкоски, водителот Драган Милосављевиќ треба да се осуди што воопшто кажа вакво нешто во етер, колку и да е тоа во име на трети лица. Но, нека садат тикви со ВМРО-ДПМНЕ – самиот Мицкоски што договорил да биде прашање, се измести од сценариото.
Момировски веќе му го постави претходно прашањето („зошто не сте порадикални“), но, очигледно сметаа дека Мицкоски дивергирал со одговорот, бидејќи, Мицкоски практично ги опомена сите што мислат да прават инциденти во име на ВМРО-ДПМНЕ – дека партијата се оградува и ќе продолжи да се оградува од секаква поврзаност со нив.
Затоа Милосављевиќ му дава втора шанса на Мицкоски, како на лош студент:
38:55 Милосављевиќ: „…Опозицијата на опозицијата токму на ова инсистира. Дека ВМРО-ДПМНЕ токму тоа би требало да го прави, да крши државни згради, да влегува насилно во Собрание и во Влада, затоа што на тој начин би требало да постои перцепција во јавноста дека ќе оди до крај. Без тоа, се наметнува таа перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува кукавички во целата приказна.“
(До овој момент не сфаќав што им значи „опозицијата на опозицијата“, но сега слатко се изнасмеав за терминот.) Нејсе, Мицкоски, во одговорот на ова се прикажува како некаков анти-анархиски херој, а ВМРО-ДПМНЕ како најдемократската лулка од само фини самовили. Некои други, „со зајачко срце се платени така да зборуваат“, вели.
Но, додека тој бил претседател на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш немало да дозволел „да се случи инцидент со којшто и една ЦИГЛА ДРЖАВЕН ИМОТ ЌЕ БИДЕ УНИШТЕН. Нема никогаш да дозволам, затоа што тоа е имотот на мојата татковина. Не ми се криви тие институции затоа што ги управуваат луѓе коишто се лоши луѓе…“ – вели Мицкоски.
Милосављевиќ: „Ниту па полицајците кои ја штитат…“ (се обидува да внесе човечка димензија).
Мицкоски: „Да. А јас ќе се борам како претседател на ВМРО-ДПМНЕ на конвенционален начин. Ние сме сепак малоброен народ и овој малоброен народ може да излезе аа… од сенката само со ум (го става прстот на глава). Само со ум.“ (Пак го става прстот на главата).
Ова е втора индиција во интервјуто дека нешто не е во ред со неговите разбирања. Како тоа ЦИГЛИТЕ му се од неговата татковина, а ЛУЃЕТО не? Луѓето се „лоши”, тие, што ги управуваат институциите.
(Првиот пат се изненадив на неговото разбирање на дефиниција за „добар“, тоа беше кратко претходно на 36:05, каде што зборуваше за обвинителството. Таму „добро“ беше од Момировски кажано во смисла на „одлично, добра работа“, како оценка. Но, Мицкоски:
… Ама, ние не велиме дека во обвинителството физички се пресметуваат, или не знам што прават таму, па дали се добри, претпоставувам има фин амбиент за работа…“).
И чекај малку. Па „институции“ не се ЦИГЛИТЕ, бе?! Институции не се зградите, масите и столчињата внатре!? Што зборувате сите тројца?!
Немој да мислиш на розов слон
Откако на интервјуто на Алфа, двајцата водители и Мицкоски ни објаснија што НЕ Е добро (не е добро физичка пресметка, не е добро кршење на институциите, итн.) – на истиот начин како од детскиот виц „Немој да мислиш на розов слон“, некако се подразбираше дека ќе се фрлат на објаснување колку многу демократско е ВМРО-ДПМНЕ. Односно, после суптилната заканичка за кршења, т.е. дека знаат и за стапче, се подразбираше дека ќе зборуваат за морковче. Но, Мицкоски, пак дивергираше… Неочекувано изведуваше и изведуваше равенка и на крај, кога му излезе дека всушност ја фали Владата, туц-муц, ја избриша таблата и Момировски го врати на колосек. Ова е моментот:
Мицкоски: „Да, порано постоеле и Шатев, и Кирков, и Солунски атентатори, но тоа било во тоа време. И кој е резултатот од сето тоа? Македонската нација е последно формирана на Балканот и македонската држава е последна формирана на Балканот. Значи треба нешто повеќе да имате. Да точно е тие први направиле нешто што дотогаш човештвото до тогаш не го видело, точно е тоа.
И многу работи можеби што нашата македонска внатрешна револуционерна организација го направила тоа, но ајде ефектите да ги гледаме. Јас сакам да ги гледаме ефектите.
Затоа треба да бидеме многу внимателни и само со ум.
(По трет пат го става прстот на глава).
И затоа кога зборите, без разлика дали се наоѓате во Брисел, Париз, Берлин… Мускули тие не признаваат, појаки се од вас. Само аргументи. Само аргументи! Само методологија. Појаки се од вас! Што можете вие против нив? Во која смисла можете вие да им се спротивставите на нив? Појаки се милијарда пати од вас!
Ако имате аргументи, ако имате јасна стратегија и план, тогаш сте добредојден соговорник. А во спротивно…?! Нека си… тераат… овие што се та… таа.. таа им е задачата… Тоа не треба нас да нѐ… Како беше онаа на Черчил… Ако се вртиме по секое куче што лае нема да стигнеме на целта.“
Потоа Момировски го врати на колосек со прашање за средбите со странските дипломати. Одговорот беше „ѕвезден“! Но, понатаму за тоа.
Од ова, Мицкоски покажува презир кон делата на ВМРО од минатото и изгледа како да знае што е паметно да се направи сега. И покрај смешното ставање прст на главата три пати, кога ќе каже „ум“. Како да жали до страшна болка што тој не е на преговарачкото столче, што не е тој кој ќе ја има славата за продолжување на преговорите со ЕУ. Како да ѝ порачува на Владата да не обраќа внимание на лаењата на ВМРО-ДПМНЕ, туку да ја брка работата.
За Мицкоски, дипломатите се апсолутисти кои поставуваат ултиматум
Од 42:07 Момировски го потсети Мицкоски дека последниве 3-4 месеци се сретнал со многу дипломати. Го прашува: „Кога велите аргументи бараат, како се одвиваат тие состаноци со нив? Тие велат – слушајте, ние имаме интерес Македонија да го смени Уставот, да продолжите таму-ваму… Што велите вие и како реагираат?“
Одговорот на Мицкоски е дека тоа што тие дипломати го нудат е ултиматум и ги нарекува апсолутисти. Па зошто немал повеќе опции, па само понуда на повеќе опции било демократија! Па добро, сега, нели пред две минути претходно рече дека тие се „милијарда пати појаки“. И дека мора со ум и аргументи. Каде е умот, кои се аргументите?
И – повеќе опции? Небаре ни се нуди ЕУ на тендер, како да треба чешми да смениме во цела фирма Македонија, па сега – да видиме повеќе опции!
Веднаш потоа ги критикува дипломатите дека заради тоа, нивното однесување било недипломатско! Уште повеќе што тој се понудил во креирањето на таа опција, но бил одбиен – вели.
Незнаење
Но, до пред месец-два се сеќавам, беа молени да останат во процесот, оти сенешто нејќеа… Има записи, написи, лесно се гледа тоа. Па уште од почетокот рекоа НЕ, така? Маиците не ги фрлија, не ги запалија онака, симболично, за да искажат волја за конструктивно учество, уште си ги носат. Сега, ем НЕ, ем – сакавме да учествуваме?! До таа мера се молени да останат во процесот и да им се дадат сите лижавчиња, фустанчиња, рингишили и условни оставки на ДУИ, а тие потајно – само сакале да учествуваат?! Ајде де.
ВМРО-ДПМНЕ досега покажаа големо незнаење и до ден-денес не ја разбираат Рамката ниту го разбираат Протоколот, односно играат на таа карта – дека Бугарија ќе нѐ блокирала заради историјата. Па зошто вчера министерот за надворешни, Бујар Османи се мачеше на табла да објаснува како на мали деца. Затоа што цело време однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ беше како градинка.
Каква страна си ти кога ТИ одбиваш да учествуваш?
Желбите тотално им излегуваа надвор од секаква преговарачка смисла. Имаш спроти тебе некој што ти поставил претходно ужасни услови (Објаснувачкиот меморандум на Бугарија), но тие услови со тешки маки се отстранети, а ти сега бараш да ги „покориш“ Бугарите со тоа – тие да признаат нешто? (пресуди, малцинство…) Па ни дете од градинка не „преговара“ така глупаво, си ја разбира силата. Ама тантрумов продолжува. Вели, дипломатите доаѓале тука со talking points – пораки коишто ги добивале од своите МНР-а и амбасади и…
44:40 Мицкоски: „… кои не секогаш имаат вистинска па слика, немале можност да разговараат со нас и така натаму, разговарале со владини претставници и еднострано добиваат брифинзи.“
Чекај бе, зошто формираш уште една страна?! Што е тоа „еднострано“? Каква страна си ти кога ТИ одбиваш да учествуваш?
„И“, продолжува Мицкоски, „врз основа на тие брифинзи тие зборуваат. И сега, кога ќе му дадете вие аргумент на секоја негова теза, а во принцип се три тези: прозорецот е отворен, сега е моментумот и ќе го испуштите возот, тоа се отприлика… Да, (му се промешува водителот со „пет минути до дванаесет“), тогаш е веќе сосема поинаква работата и не треба да им се лутиме на нив, зошто тие не ги следат тие лични, сопствени интереси.“
Какви лични, какви сопствени интереси на странските дипломати?!
Вештачките неправди!?
„Можеме да им се лутиме за…“ – и набројува „вештачки неправди“ како што ги нарекува спорот со името, а сега и идентитетот, повикувајќи се на Копенхашките критериуми. Би било тука убаво да објасни, ама дебело да објасни тогаш, зошто ВМРО-ДПМНЕ повторно беше пречка и за 2/3 за НАТО (за името), зошто тогаш не аплаудираше, туку се зезаше со пантолоните во Собранието.
И така, стигнува до тоа дека бирократите од Брисел не се фер, тој е разочаран од нив, посебно од оние од бившиот Источен блок, па и со опомена до дипломатот од Словачка, дома му така да си зборува, не нему, на Мицкоски. Тој ги барал истите услови што Словачка ги имала за ЕУ.
Што збори човеков. Абе тоа ли е силниот ум и аргумент?! Па три пати го ставаше прстот на глава, ама изгледа промаши каде му е умот?! Вели „ЈАС две години правам отстапки“. Не се обидува да е смешен, но ова е некоја шизната промена на личниот идентитет. И 5 минути претходно, тој се ставаше во улога како тој да е преговарачот, ама одеднаш се сети дека други ги водат тие работи, па заврши со поговорката на Черчил!
Наместо аргумент – емоција
На 47:10 конечно си кажува дека тој на дипломатите им пренесувал – емоција. Не аргумент. Не со ум. А какво е ВМРО-ДПМНЕ со емоциите – видовме – нејќел да ги обвинува тие што сакале да влезат и кршат институции…
И лизнува на законите со европски знаменца, пасоши и пак обвинителството.
Така, не би требало ова да се вика ни „пледоаје“ ни „иден премиер“ како што насловил Љупчо Поповски, па макар и на зезанција. Наивно е од овие муабети и нарачаните анкети, од пропагандата во круг со тие 85% да се заклучи било што сериозно како предвидување.
Но, може да се заклучи дека Мицкоски се додворува и на умерените и на неумерените луѓе одеднаш, што значи, сфаќа дека – ако го упати ВМРО-ДПМНЕ да гласа за продолжување во ЕУ, ќе изгуби едни гласови, а ако остане на НЕ – ќе изгуби други гласови.
Свеста дека се „милијарда пати посилни“, дека требаат аргументи (иако има можности да тера само споделување емоција, како и да ја разбира во сите погрешности од таа област) и дека ЕУ ќе се помести на десно т.е. ќе се затвори за проширување – ја има. Оваа опуштеност на интервјуто, можеби е поинформативна од други пати…
Нешто смислил, ама не го споделува тоа, нормално. Се надевам не е во тотална заблуда, бидејќи не покажува кохерентност и доволно искреност. Дури и со напливи како во 33:45, „колку човек далеку да оди, дали вреди ова…“
Тхе енд.