Посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Скопје и Тетово за свечено преименување на улица во Чаир и учество на манифестација организирана од општина Тетово, на кој настапи и добро познатиот тетовски рок бенд „Елита 5“, е карактеризирана како промоција на опозициски блок на Албанците, Движењето БЕСА, Алтернатива и Демократското движење на Изет Меџити, пишува „Фронтлајн“.
Косовскиот премиер во својот говор од плоштадот „Илирија“ во Тетово рече дека патната оска Призрен – Тетово е веќе договор меѓу двете Влади, онаа на Косово и Северна Македонија.
– Овој договор го потпишав со поранешниот премиер Зоран Заев и го продолживме со сегашниот Димитар Ковачевски. Заменик министерот за инфраструктура Хисен Дурмиши се договори со неговиот колега заменик министерот за транспорт Беким Реџепи и со директорот на ЈП „Државни патишта“ – Ејуп Рустеми, договорија една од шесте опции произлезени од физибилити студијата, со тунел од 6,4 километри, малку подолг од оној во Калимаш – Албанија и од 15 километри од двете страни на влезовите и излезите од тунелот“, рече Курти.
Во меѓувреме, во општина Чаир во Скопје, премиерот на Косово, Албин Курти, учествуваше на свеченото именување на улицата „Адем Демачи“. За време на посетата на Скопје и Тетово, Курти беше придружен од градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, како и од претседателите на Движењето БЕСА, Билал Касами, Алтернатива, Африм Гаши и Демократско движење, Изет Меџити.
Реакции
Поранешниот премиер на Косово и претседател на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, ги повика Албанците на Северна Македонија да не му веруваат на Албин Курти за изградбата на патот Тетово-Призрен.
– Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Во Косово блокирани се сите патишта и проекти, вклучувајќи го и патот Плава. Бидејќи не може повеќе да ги лаже Косоварите, дојде да ве излаже, за патот Тетово – Призрен. Истото го проба и во Албанија, но не му поверуваа и го истераа. Не станувајте жртва на неговите трикови“, напиша Харадинај на социјалните мрежи.
Дестан Јонузи