Хуманистот и здрaвствен работник Денис Јанкуловски, во објава на Фејсбук, реагира за случајот со Онкологија. Тој вели дека мора да се најдат сите злосторници, но дека треба да се внимава да не се оди со предвремени линчувања. Јанкуловски нагласува дека медицинскиот персонал од Онкологија најмногу сака да се најдат виновниците.
Објавата ја пренесуваме во целост
„Не се сите здравствени работници исти. Точно, исто како што не се исти сите на шалтер во банка, учителите, шоферите во ЈСП итн. Не верувам дека секој здравствен работник е нападнат со огромниот револт иако во вакви моменти е очекувано, но ние здравствените работници не сакаме нашите имиња, не мора да се баш имиња, нашата струка, да се валкаат и покрај сувото да гори и суровото. Се чувствуваме посрамено што имаме такви „колеги“ со кои делиме иста професија. Бараме имиња на инволвирани, со право. Ама ваљда има некоја процедура, ваљда новинарите повеќе знаат од мене дали и кога можат да кажат конкретно име (се надевам, иако искуството друго кажува). Не бранам, да не се разбереме погрешно, и јас сакам да се знаат кримосиве а колегите, оние вистински колеги од Онкологија уште повеќе сакаат.
Но…..едно големо НО!!!!
Сè она за што децении се лутиме, за што сме гневни, за што протестираме, бараме одговорност, решенија, казни, за не вакво здравство кое е далеку од дефиницијата, сè она што го насочуваме кон Обвинителство, Министерство за здравство и секој министер, Влада и сите Влади, кон секој одговорен е неспоредливо со маката на оние кои починале, со загубата на нивните блиски, на чувството дека не ја добивале вистинската живото-спасувачка здравствена услуга. Неспоредливо со сè она што им се врти во главава не само деновиве туку децении. Тие се главните во приказнава. Ние здравствените ќе ја истрпиме таа генерализација со надеж дека ќе има конкретни резултати, но овие семејства никогаш нема да ги вратат своите. Тие се главни и секако оние кои сè уште одат на таа надежна терапија, тешко нив којзнае какви мисли им се и нив деновиве.
Затоа мора да има резултати, мора да се прекине со секојпат констатираното дека е крајно време, мора да се најдат СИТЕ злосторници па макар биле и 20 и 50 па и 100. Заради довербата.
Довербата во правдата и уште поважно:
ДОВЕРБАТА ВО ЗДРАВСТВОТО.“, пишува Јанкуловски.