Британскиот научник Иан Вилмут, чие истражување беше клучно за клонирањето на овцата Доли, почина на 79-годишна возраст, соопшти Универзитетот во Единбург. Универзитетот каде што работеше соопшти дека тој починал вчера, неколку години откако му била дијагностицирана Паркинсонова болест, објави Би Би Си.
Вилмут, заедно со Кејт Кемпел од Шкотскиот институт за истражување на животни, се најдоа на насловните страници на светските медиуми и станаа тема на жестока етички дебата во 1996 година, откако ја создадоа Доли, првиот цицач клониран од возрасна клетка.
Работеше на развој на клонирање и трансфер на клетки, техники кои би можеле да се користат за создавање генетски модифицирани овци. Тие напори доведоа до Меган и Моранг во 1995 година и Доли во 1996 година, соопшти универзитетот.
Доли, која го доби името по пејачката на кантри музика Доли Партон, беше првиот цицач клониран од возрасна клетка користејќи процес наречен трансфер на јадро од соматски клетки (SCNT). Создавањето на Доли предизвика страв од човечко клонирање или создавање генетски копии на живи или мртви луѓе, но водечките научници ја отфрлија можноста како премногу опасна.
Вилмут, роден во близина на Стратфорд-на-Авон, се школувал на Универзитетот во Нотингем. Прво студирал земјоделство, а потоа се префрлил на зоологија. Тој дојде на Универзитетот во Единбург во 2005 година, беше прогласен за витез во 2008 година и се повлече од универзитетот во 2012 година.
Г. Т.