Со заедничка декларација во која 2030 е зацртана како годината, од која не подоцна би се случило следното проширување на Европската унија (ЕУ), денеска заврши 10. самит на претседатели од регионот, како дел од процесот Брдо – Бриони, пишува Радио Слободна Европа.
Претседателите на Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и на Босна и Херцеговина ја усогласија заедничката декларација за забрзување на зачленувањето на регионот во ЕУ, иако српскиот претседател Александар Вучиќ изрази скептицизам за тој временски рок.
„Мислам дека тоа се убави желби, но кој сум јас да го уривам оптимизмот кај некои други и да им ја смалувам амбицијата“, изјави Вучиќ.
Претседателите на Хрвтска и на Словенија, Зоран Милановиќ и Наташа Пирц Мусар нагласија дека двете држави ќе му помогнат на регионот.
Мусар изјави дека „не е поборник заради билатералните проблеми да се завлекува пристапувањето во ЕУ“, а македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој беше домаќин на работната средба, изјави дека „регионалната клаузула секогаш била обврзувачка при пристапувањето, но оти во случајот на Северна Македонија постои дебаланс меѓу критериумите за членство и билатералните односи“.