пишува: АРБЕН ЗЕЌИРИ
Најискрени прашања и совети за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред протестот за правда на кој повика за 25 фрвруари, од еден „шиптар“, како што ќе ме наречат оние што нема (да сакаат) да ме разберат.
Почитуван и легитимен претседател на една политичка партија има право и должност да протестира за правда. Но за правда! Не за злоупотреба, спречување или izвртување на правдата!
Сакав искрено да поддржам еден протест на македонската опозиција, како што јавно ја поддржав некогашната опозиција против еден режим. Но за која правда да ја поддржам денешната македонска опозиција?
Пред да протестирате, требаше да дадете барем еден сигнал за правда и правна држава!
Една причина ќе наведам како Албанец, а сите други како граѓанин на оваа земја.
Да протестирам заедно со Јохан Тарчуловски, кој станал еден од главните ликови во вашата партија, а до ден денеска, ниту тој, ниту вие како партија, не сте побарале извинување за масакрот во Луботен кој беше потврден од Меѓународниот суд за воени злосторста во Хаг? Или со тој Јохан кој ги отвори вратите и ги поттикнуваше насилниците да влезат и да нѐ тепаат и убијат во Собрание, дента кога ние новинарите следевме работата на највисокиот законодавен дом во земјава?
Да бевте за правда, барем еднаш ќе го осудевте тој настан како нарушување на уставниот поредок, за да биде порака до сите во иднина да не размислуваат да го повторат делото. А што направивте вие? Најпрвин ги штитевте сите, за потоа, оние кои гласаа за уставните измени, да ги обвините и да ги нарекувате предавници и сѐ друго по ред.
Значи, оние кои влегоа во Собрание и не гласаа за Преспанскиот договор се невини, а оние кои го направија истото дело и гласаа, тие биле виновни? Да, за мене оние од втората група се невини, но знаете што направивте вие? Лично Вие ги браневте, на почетокот, оние кои организираа и отворија врати во Собранието. Обвинивте дека дел од пратениците биле уценувани со амнестија за да гласаат за Преспанскиот договор.
Пазете! Оние кои гласаа за иднината на државата, според вас, биле виновни, а другите што стоеја зад вас – невини. Знаете што е пострашно? Вие дозволивте токму тие пратеници кои отворија врати и поттикнуваа насилство да станат херои на европската иднина, да се спасат од затвор, Трајко Велјаноски да куртули со имунитет, некои други да бегаат, и на крај само манипулираните граѓани да лежат во затвор. Заради вашата дефиниција за правда, организаторите и поттикнувачите на 27 април куртулија, некои дури стана и европејци, а емотивно манипулираните лежат во затвор.
Правда ли е ова? Патриотизам ли е?
Го обвинивте како партија Сашо Мијалков дека обезбедил двотретинско за уставните измени, и после го избркавте од партија! Додека не дојде овој случај, ниту еднаш не прифативте дека Мијалков бил началникот кој крадел, како што беше обвинет или осомничен од СЈО, кој наредил апсења и други злодела. Го штитевте и на крај, како што го обвинивте, дозволивте да се пазари за Преспанскиот договор и да куртули и тој. Па господине Мицкоски, да бевте вие на време за правда, Мијалков, Мукоски, Груевски и многу други денеска ќе беа во затвор, а вие со новата генерација во ВМРО-ДПМНЕ ќе нѐ убедевте дека сте за правда и ќе бевте херои на евро-атлантската иднина на оваа држава.
Да ги признавте делата на оние од времето на режимот, да го признавте и осудивте 27 април, вистинските виновници, нарачатели и организатори ќе беа во затвор, а манипулираните граѓани ќе беа слободни. Да господине Мицкоски! Има неколку случаи од праксата на Судот во Стразбур каде извршителите се ослободуваат кога се докажува дека биле поттикнати и уценувани од државни служби за безбедност да го направат кривичното дело. Да не се спасеше Велјановски, Груевски, Грујовски, Мијалков и другите, граѓаните ќе беа ослободени. Вашата правда ги полнеше затворите со манипулирани Македонци, а оние што заслужија затвор денеска ни се европски херои.
Вие господине Мицкоски, инсистиравте да се затвори СЈО, заради сомнежите за Катица Јанева. Според ваша логика, нели викате, Заев е криминалец, дали треба да се укине државата? Ниту СЈО не требаше да се укине. Главните обвинители се менлива категорија, ќе се сменеше и Катица, ќе се најдеше решение и за нов обвинител, ќе се следеше секаква неправда и злоупотреба. Вие бевте против институција, денеска Катица е пред правдата, а СЈО затворена. Што ти требаше ова?
За крај, ќе ви верував дека сте праведен и за правда ако признавте и осудивте барем еден, единствен случај отворен од некое обвинителство за минатата власт. Е, како така, сите случаи биле монтирани? Како е можно ниту еден случај за вас да не е правилно отворен по сите тие разговори кои ги слушавме? Господине Мицкоски, ни ја потценувате интелигенцијата! Нема криминал во кинеските автопати? Нема криминал во изборните процеси? Нема криминал никаде од тие разговори?
Со една реченица, вие барате да излеземе утре, да ги амнестираме сите тие криминали, да се вратат исти актери на чело со Груевски и да продолжат со исти дела и постапки?
Господине Мицкоски, ајде заедно да се бориме за правда и да почнеме од судските процеси кои се монтираа и измонтираа сите овие години. Не гледате колку мајсторски игра вашиот противкандидат. Со доаѓање на власт на Зоран Заев, прв случај кој се отвори беше Сопот, токму монтиран за време на одамнешното владеење на СДСМ. Колку сомнителни судски случаи имаше за време на владеењето на вашата партија, а во тие случаи ва кои беа уапсени Албанци, не заборавај дека беа убиени Македонци.
Зар не ве интересира, како патриот, кој навистина ги убил невините Македонци и во Смилковско Езеро и во Кумановските настани!? Како дозволувате по толку сомнителни нови информации и докази сѐ уште во стилот на Јанкуловска, други ваши сопартијци да ги осудат уапсените од Монструм како убијци. Што ако тие не се вистинските убијци? Зарем повеќе сакате да се обвинат некои Албанци или сакате да се откријат вистинските убијци, семејствата да имаат сатисфакција и правдата да дојде на место? Ајде заедно да подржиме вистинска правда и да ги најдеме вистинските убијци на моите и вашите невини сограѓани.
Не сакате ли вистинска правда за Куманово? Не сакате ли да знаете кој ги стави во пекол полицајците Македонци, кој ги намести таму и кој ги жртвуваше? Па цел свет знаеше дека се монтира такво сценарио пред и да се случи тоа, само вие не верувате дека е монтиран процес!?
Господине Мицкоски, би сакал да поддржам правда и протест за правда во која вистинските криминалци би лежеле в затвор, а невините и евентуално манипулираните граѓани би биле на слобода. Но, не можам да поддржам таква правда како вашата од која, родителите на децата убиени во Смилково сѐ уште не знаат кој ги уби нивните деца, уапсените не можат да добијат правда, не се знае кој ги намести и Албанците и Македонците во Куманово да се убијат и да се уапсат, не знаеме кој ги украде нашите пари, манипулираните лежат в затвор, а нивните манипулатори и нарачатели спијат по унгарски и европски скапи хотели, некои како бегалци од правдата, а некои како спасители на нашата европска иднина. Ако не ви е жал за мене и за Албанците, нека ви е жал за убиените и уапсените Македонци, за украдените пари од Македонците и за иднината на македонскиот народ.