Активистот и аналитичар на политичките случувања Ацо Лукароски во објава на Фејсбук ги коментира вчера објавените фотографии од средбата на Димитар Ковачевски со Зоран Заев од стратешкиот состанок во СДСМ на Бихачка и прашува каде се тие што зборуваа за неединство во СДСМ.
„Дали си ги избришаа ФБ објавите сите оние ‘мудросери’ коишто деновиве излегуваа со теории дека Заев се спријателил со Мицко и му го свртел грбот на СДСМ? Заев за просперитет на Македонија се жртвуваше себеси и си жртвуваше и политичка кариера, па сега со Мицко ќе се здружувал… Бог да чува!? Таква глупост ни на Дафина не би ѝ текнало!“, коментира Лукароски.
Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, вчера на Фејсбук објави фотографии од координативниот состанок на стратешкиот тим на СДСМ на кој што од приложеното може да се забележи присуството и на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
„СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030г.“, истакна во објавата Ковачевски.
Заев од своја страна нагласи дека „Демократскиот блок здружува и дека тоа е единствената формула за нов македонски успех. Порача дека социјалдемократите имаат одговорност да преземат одлучни чекори.
Ј. Ѓ.