„Ако нема мир нема да има ниту Отворен Балкан, нема да има ниту Берлински процес, а по слична аналогија ќе треба да се преиспитуваат и други меѓународни организации и иницијативи кои што вклучуваат голем број на земји. Еве пример земјите на ОБСЕ. Ние сме земја која што претседава со ОБСЕ во најтешката година за Европа. Во ОБСЕ членуваат и Русија и Белорусија и Украина и во ОБСЕ имаме држава која што има нападнато друга земја членка и можете да замислете каков е предизвикот да се претседава со една таква организација која што на моменти функционира на услови на блокада па и на парализа и треба многу вештина за да организацијата продолжи да делува. Меѓутоа ние сме тука да создаваме а не да растураме и ние сме уверени и порачуваме дек Србија и Косово треба да бидат за мир и треба да направат се да ги повлечат вистинските потези, да ги направат вистинските чекори за безбедна иднина на своите граѓаните, на своите народи, меѓутоа и за стабилност на целиот регион. Ние како земја сме многу јасен пример дека преку активен и отворен дијалог се решаваат сите отворени прашања и дома меѓутоа и со соседите и навистина верувам дека овој регион може многу повеќе и може многу подобро. И стоиме на располагање на сите процеси со нашето искуство и со реална поддршка се со цел да се обезбеди мир и стабилност во регионот кој треба и мора што поскоро да биде дел од ЕУ“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција од Гранада, Шпанија, каде се одржува третиот Самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ).
Што се однесува до ставот на владата по прашање на Отворен Балкан, Ковачевски рече дека истиот останува непроменет.
„Ставот на владата (бидејќи како што појасни министерот Османи денеска, тој својот став го има дадено од позиција на потпретседател на политичка партија), останува непроменет, дека како држава имаме конструктивна улога и учество во сите регионални иницијативи, вклучувајќи го и Отворен Балкан, се додека тие иницијативи носат конкретни придобивки за граѓаните, за државите, за економиите, за бизнисите на земјите кои што се дел од овие иницијативи“, посочи Ковачевски.