Судот на БИХ ги отфрли сите приговори на адвокатот на Милорад Додик на потврденото обвинение на Обвинителството на БиХ, кое ги обвинува Додик и Милош Лукиќ, в.д. директорот на Службен весник на Република Српска, за непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Адвокатите на Додик во своите приговори тврдеа дека кривичното дело за кое е обвинет Додик не постои бидејќи Шмит е нелегален. Со отфрлање на сите приговори почнува судскиот процес за Додик, пишува Дневни аваз. Бидејќи, според кривичното дело, затворската казна е помала од пет години, на Додик ќе мора да му суди судија поединец, кој ќе биде избран по случаен избор, поточно, ќе го избира системот за автоматско водење на судските предмети. Најпрво ќе се закаже изјаснување, а потоа главен претрес.
За потсетување, високиот претставник Шмит ги поништи законите донесени од Народното собрание на Република Српска во врска со необјавувањето на одлуките на високиот претставник и непримената на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Додик го потпиша указот за стапување во сила на спорните закони, а Милош Лукиќ ги објави во Службен весник на РС.
Г. Т.