„Има докази, доказите се во Јавното обвинителство. Дел од нив се уште се вештачат, одземени се огромен број на материјали, електронски уреди. Очекувам дека сите факти и аргументи ќе бидат потврдени, обезбедни и врз основа на тоа ќе се конкретизира вината. Секогаш виновникот има име и презиме и треба да биде изнесен пред лицето на правдата“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „360 степени“ на МТВ.
Тој додаде дека не треба истрагата да се орочува со датуми, туку таа треба да биде квалитетна со обезбедени докази.
„Треба да се види кој точно треба да носи одговорност. Не треба да се поистоветуваат институциите, сите лекари и медицинскиот персонал внатре“, истакна Спасовски.
Министерот нагласи дека не треба предвреме да се истрчува со резултати од истрагата само заради задоволување на јавноста и да се повлечат потези кои нема да бидат релевантни, туку треба целиот случај да биде издржан.