– Потпишување на Меморандумот за пристапување на Северна Македонија кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани. Во исклучително значаен момент кога целиот свет, вклучително и Северна Македонија се соочува со засилени хибридни напади, државата станува 35-та земја учесничка на Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани, објави на социјалните мрежи министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој нагласи дека „со приклучувањето на Северна Македонија кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани ќе одигра исклучително важна улога во градењето и јакнењето на националните капацитети за справување со овој тип предизвици“.
„Како земја-членка на НАТО, активно и континуирано работиме на подобрување на превенцијата, одговорот и справување со заканите кон критичната инфраструктура и клучните ресурси од јавниот и приватниот сектор, во што има значајна поддршка и помош од сојузниците и земјите-партнери“, истакна Османи во објавата.
Ј. Ѓ.