„Многу пати сум кажал дека јас сум човек кој верува во остварување на целта и работи целта да се оствари. Ние имаме неповторлива шанса да обезбедиме европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во Собранието. Јас се надевам дека оние кои секогаш во историјата биле против европските и атланските интеграции на држава конечно за прв пат во своето политичко постоење ќе покажат во Парламентот дека се за европска иднина на државата“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на заедничкиот прес во Скопје со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, одговараќи на прашањето – Очекувате ли Македонија да го исполни неформалниот рок за промена на Уставот до декември годинава.
Ковачевски нагласи дека сега мора да се искористи моментот зашто „сега има отворен прозорец за пристапување кон ЕУ и сите земји се едногласни дека треба да има проширување“.
„Зошто го велам тоа сега, затоа што како што кажа и претседателката сега има отворен прозорец за пристапување кон ЕУ бидејќи ако пред неколку години оваа тема воопшто не беше тема на широк консензус меѓу земјите членки, сега во овој геополитички момент сите земји се едногласни дека треба да има проширување. А проширувањето, ако ја погледнете мапата на Европа, практично значи обединување на Европа, бидејќи земјите од Западен Балкан на сите свои граници се опкружени со земји на ЕУ“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека не смее да се калкулира, и потенцира „да не се прави политички личен рејтинг, туку сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце“.
„Ние како држава имаме 50% усогласеност на нашето законодавство со ЕУ, ние имаме институции кои се целосно усогласени со ЕУ, нашиот економски систем е на ниво на перформанси кои овозможуваат да добива макрофинансиска помош од ЕУ ако не е така, нема ни да се разговара за такви прашања. Затоа сметам дека сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце, меѓутоа одговорноста пред сегашните и идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, не се прави политички личен рејтинг. СО вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните бидејќи тоа ќе значи единствено повторување на оној лош филм кој го гледавме 11 години во држава, кога имавме уназадување на меѓуетничките односи во Северна Македонија, во Македонија. Во кои имавме уназадување на односите со соседите и кога 1 милиметар не мрднавме во евроинтеграциите и кога економијата не ни растеше повеќе од 2% просечно годишно при инфлација од 3%. Затоа велам дека лошите искуства од историјата не смеат да се повторуваат. Јас ќе продолжам заедно со коалиционите партнери, заедно со лидерите во коалицијата да работиме сонот за европска Македонија да се оствари до 2030 година“, истакна премиерот Ковачевски.