НАТО размислува за трајно зголемување на бројот на војници во Косово со цел да ги држи тензиите под контрола, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. НАТО испрати стотици дополнителни војници во Косово од Велика Британија и Романија откако судирот меѓу полицијата и вооружените Срби го претвори мирното село Бањска во северно Косово во воена зона на 24 септември, јави Ројтерс.
„Сега размислуваме дали има потреба од трајно зголемување за да се осигураме дека ова нема да излезе од контрола и дека нема да се создаде нов насилен конфликт во Косово или во поширокиот регион“, изјави денеска Столтенберг пред новинарите за време на посетата на Косово.
Немирите во септември покренаа нова меѓународна загриженост за стабилноста на Косово, кое има етничко албанско мнозинство и прогласи независност од Србија во 2008 година, по герилскиот бунт и интервенцијата на НАТО во 1999 година. КФОР, мировната мисија на НАТО која дејствува од 1999 година, ја сочинуваат повеќе од 4.500 војници од 27 земји.
Г. Т.