На 28 јануари се очекува да се гласа за техничката влада со премиер Талат Џафери, а функцијата претседател на Собранието ќе ја преземе координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски. Гласањето за нов претседател на Собранието се очекува да се одржи по новогодишните и божиќни празници, кон средината на јануари.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе одлучува дали ќе учествува во техничката Влада. Но, партиски извори за „Фронтлајн“ велат дека Христијан Мицкоски со договорот за двојни парламентарни и претседателски избори на последната лидерска средба по автоматизам, се согласил да учествува и во техничката Влада.
Од друга страна, политичките партии работат на екипирање на техничката влада, изготвување изборни програми, предлагање кандидати за претседател и избор на нивните кадри за листите за пратеници за изборите на 24 април и 8 мај 2024 година.
Техничката Влада се избира сто дена пред изборите. Според Законот за Владата најпрво оставка поднесува актуелниот премиер која Собранието треба да ја констатира. Тоа значи оставка и на целата Влада. Претседателот на државата му го доверува мандатот на кандидатот за преоден премиер за составување на кабинетот. Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во техничката влада, министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика предлага опозициската партија со најголем број пратеници (ВМРО-ДПМНЕ). На предлог на премиерот Собранието именува дополнителни заменици на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на власта (СДСМ), но и од опозицијата и тоа во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.
Мандатот на техничката Влада трае од изборот, па, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници.
Основна задача на техничката влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.
Техничкиот министер за внатрешни работи ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во Министерството.
Доколку постави нови раководители, тој има должност на предлог на дополнителниот заменик-министер да именува и нивни заменици. Тие двајца имаат врзани потписи.
Доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки.
Министерот има право да ангажира лица за потребите на својот кабинет. Може да врши и хоризонтални распоредувања на вработените.
Ова ќе биде трета техничка Влада во земјата. Првата беше предводена од Емил Димитриев и поради тоа што не можеше да се формира подолго време, тој ја предводеше техничката влада од 18 јануари 2016 до 1 јуни 2017 година. Втората техничка Влада ја предводеше актуелнито министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и тоа од 3 јануари 2020 до 30 август 2020 година.
Четирите тогашни најголеми партии на 2 јуни 2015 година постигнаа договор 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата да раководи Влада за спроведување избори. Пржинскиот договор бил потпишан од водачите на четирите најголеми политички партии во тоа време: Зоран Заев – СДСМ, Никола Груевски – ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети – ДУИ и Мендух Тачи – ДПА.
Дестан Јонузи