Врз основа на информациите добиени од набљудувачите, заклучно со 9 часот, невладината и непрофитна организација Центар за слободни избори и демократија (ЦеСИД) забележала повеќе од 50 различни неправилности на изборите кои денеска се одржуваат во Србија, пренесува N1.
ЦеСИД соопшти дека евидентирала зачестено непочитување на процедурите од страна на членовите на избирачкиот одбор на голем број избирачки места.
На неколку избирачки места (во Чачак и Трстеник) на гласачите не им бил прскан спреј.
Забележано е непроверување на идентитетот на гласачите пред гласање, евидентирани се пропусти и неправилности со контролното ливче, како и вметнување ливчиња во погрешни кутии на повеќе избирачки места.
Набљудувачите на ЦеСИД забележале и грешки при потпишувањето во избирачкиот список на неколку избирачки места, додека на две избирачки места забележан е обид да се влијае врз гласачите.
Нарушување на тајноста на гласањето е забележано на гласачки места Гроцка, Нов Белград, Земун, Нови Сад, а на неколку места и помали инциденти поради кои гласањето на кратко било прекинато.
На неколку избирачки места набљудувачите на ЦеСИД имале проблем со влегувањето во избирачките места поради тоа што членовите на избирачкиот одбор не можеле да го пронајдат списокот со набљудувачи.
Исто така, забележани се ситуации на семејно гласање на неколку избирачки места, наведува ЦеСИД.
Претходно е соопштено дека од отворањето на избирачките места па се до 9 часот, набљудувачите на „Тргни-промени“ констатирале сериозни неправилности на избирачки места во Белград, Краљево, Лозница и Нови Сад, меѓу кои и т.н. „Бугарски воз“ во Нов Белград.
Листата „Србија против насилство“ објави дека нивната претставничка во локалната изборна комисија во Руски Крстур, општина Кула, била нападната откако забележала неакредитирани лица кои водат паралелна евиденција на гласачите. РИК, пак, демантираше дека имало физички конфликт.
Г. Т.