Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Спутник е руски збор за сателит, и кога се толкува во астрономски контекст, и воопшто, спутник е општоприфатен термин во рускиот јазик за вештачките сателити на која било земја и природните сателити околу која било планета.
Следствено на тоа, Спутник 1 (/ˈspʌtnɪk, ˈspʊtnɪk/, руски: Спутник-1, Сателит 1) бил именуван првиот вештачки сателит на Земјата, лансиран во елиптична ниска земјина орбита од страна на Советскиот Сојуз на 4 октомври 1957 година како дел од советската вселенска програма. Испратил радио сигнал назад на Земјата три недели пред да се потрошат неговите батерии, по што на 4 јануари 1958 година, по три месеци во орбитата, Спутник 1 изгорел при паѓањето низ атмосферата на Земјата.
Втората употреба на зборот Спутник, според која е и најпознат кај широките маси на овие простори, е името на руската државна новинска агенција и радио сервис, основана од руската владина новинска агенција Rossiya Segodnya на 10 ноември 2014 година, денес познак како еден од најголемите пропагатори на руската пропаганда и дезинформации.
Паралелите со Спутник и македонската опозиција, вклучително и од неа контролираните делови од македонските медиуми веќе ги добиваат очигледните контури.
На Самитот на ЕУ во четвртокот во Брисел, лидерите на земјите членки ( со исклучок на про-рускиот хрт Орбанов) донесоа историска одлука Украина и Молдавија да добијат пристапни преговори за членство во Унијата. Одлуката е за поздравување, а на двете земји треба да им се честита, го искористија моментумот.
Северна Македонија, за жал, не го искористи својот моментум на кој повикуваа европските пријатели. И наместо овој Самит да биде повод за славење и кај нас, за продолжување со отворањето на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и за продолжување на нашиот евроинтеграциски пат, благодарение на нашата спутник – опозиција, останавме да орбитираме околу Унијата, за на крај, неминовно, или да бидеме исфрлени од орбитата кон некои далечни и темни катчиња на Универзумот, или како истрошен сателит, да согориме во атмосферата и едноставно да не снема.
Домашнава спутник – опозиција, намерно и/или (не)намерно, но секако во корист на своите тесногради интереси, како по ноти ја (од)игра сателитската улога на кочничар на македонските евроинтеграции, одговарајќи во повратна насока на сигналите добиени од нарачателот, оневозможувајќи приклучок на земјава кон демократското, прогресивно европско семејство и притоа држејќи во заложништво 2 милиони граѓанки и граѓани, желни за напредок и просперитет.
На ова му кумуваат разноразни МАНУ-лачи, катеблажевски, недоухлебени опортунисти насобрани околу еден поранешен министер со шарени чорапи, здружени во патриоско-евро-атлантско-скептична братија, гракаат и со широко отворена клоака поганат сè под нив закачени со канџите за соголените гранки на квазипатриотизмот, во обид да ја обвинат ЕУ, избегнувајќи да се соочат и да го посочат вистинскиот блокатор на евроинтегративниот процес на земјава, домашната спутник-опозиција по диктат на познатиот нарачател од Црвениот плоштад во Москва.
Еден сегмент од неа (помалиот) и не само што не крие, туку се гордее на својата улога на уништувач на македонските евроаспирации, горд на својата сателитска улога во исполнувањето на нарачките од „великиот руски брат“. За истите заслуги беше пофалена од рускиот амбасадор во земјава.
Вториот, поголемиот ( по бројност на членство и пратеници) сегмент, само невешто ја прикрива поврзаноста со истиот нарачател. Но со своето деструктивно делување, тоа го докажува на терен. Со блокирање на сите прогресивни обиди за делување кон исполнување на партнерската улога на како земја членка на НАТО ( за чие членство спутник- опозицијата исто така имаше негативен (за среќа неуспешен) импакт, како и на започнатото исполнување на доделените задачи за приближување кон преговорите за членство во ЕУ.
При неодамнешниот престој во Естонија, која е членка на ЕУ и НАТО, и се наоѓа на границата со Русија, додека во државата има над 20 % руско говорно население, ме изненади сознанието дека и во таква констелација, естонската позиција и опозиција, кога се работи за стратешките интереси на државата, делуваат единствено, и одлуките во Парламентот кои се однесуваат за иднината на земјата, ги усвојуваат едногласно. И така ги исползуваат придобивките од членството во ЕУ и НАТО за натамошен развој и просперитет на Естонија.
Кај нас така едногласно делуваа лево-десната спутник опозиција, негирајќи ги придобивките од членството во Алијансата, и спротивставувајќи се на членство во ЕУ, на голема радост на Москва. Знае Путин дека додека ги има овие сателити на располагање, во Македонија ќе има верен поддржувач и спорведувач на неговите деструктиви, недемократски, антизападни политики.
А за да не дојде ни до најмало отклонување на овие „спутници“ од проруската орбита во која се лансирани, тука се проруски настроените македонски медиуми, кои , забранетиот за емитување Спутник ( и нему слични руски пропагандни канали), на сите можни начини ги пренесуваат неговите радио сигнали, споделувајќи ги содржините со руски пропаганден наратив, преполни со дезинформации и лажно наведување до таргет групите и приврзаниците на спутник-опозициските партии.
Преземено: Цивил Медиа