Сања Лукаревска, директорка на УЈП и заменик претседателка на СДСМ, во емисијата Трилинг на ТВ 24, во врска со листата на должници посочи дека тоа е обврска која се објавува на месечно ниво за правни и физички лица како и дека се спроведени сите можни механизми за наплата. Таа посочи дека се намалува бројот на должници, и постепено се намалува и износот на тој даночен долг. Притоа најави и објавување на два специфични случаи на даночни должници кои ќе бидат соопштени во понеделник на брифинг со новинарите.
Во врска со објавувањето на нафтените компании кои затајувале данок Лукаревска посочи дека не може да објави конкретни имиња на фирми бидејќи се работи за даночна тајна регулирана во законот за даночна постапка.
„Ќе ја испрезентираме таа мрежа на нафтени компании која што е во соодветен дослух со бензиски пумпи и врз основа на тоа ќе видиме како всушност сакале да го изиграат системот, да испумпаат од буџетот фиктивен ДДВ за што ние навремено сме алармирале, сме постапиле опсежна анализа и процедура имаме направено, со попис и детална анализа на сите фактури што биле дел од тие деловни односи и детална анализа на физичките лица кои стојат зад тие бензиски пумпи, “ рече Лукаревска посочувајќи дека сето тоа ќе биде презентирано на брифингот со новинари во понеделник.