Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Пророштвата за крајот на светот можеби и не се земаат толку за сериозно, но сигурно и без нив пред себе, постојано има потсетници за „тешките времиња“ кои нѐ чекаат во иднината. А и таа крајната, и оваа божем поприбрана мисла дека само ќе е тешко, се стари колку и цивилизацијата. Зошто нема некое познато, чисто пророштво за „златна ера“ во иднината? Златните ери за државите, за светот, упорно се сместуваат во минатото, дури и во драматично поплачлива имитација на индивидуалната носталгија за златните младешки денови. Дури и во религиите, некако нема таков чист концепт, без претходно „прочистување“, што е само уште едно пророштво за криза. И, повторно, и покрај тоа што светската наука напредува и се стреми кон сеопшто подобрување на животот на луѓето на цела планета, преовладува фонот на тешкото за иднината. Кога научникот извикнува „Еурека“, толку е густа атмосферата што тоа одекнува како „Крајот е блиску“.
Како да сме во вител кој шета и со крајчето ја подзема душата на секој барем малку потресен заради иднината. Добро, негативистичкот бајас е позната работа, некои сметаат дека е токму врзан со пештерскиот инстинкт за преживување, но истово изгледа многу попрецизно е согледано од модерните политички хиени што капитализираат од принесување жртви што се лулаат на работ. Повеќе давеници од масата – подобро за целата хиен-рархија. Не сме во пештерите веќе – зошто им дозволуваме ваков булинг „њикогаш-ње-биљо-пољошо“, кога сите знаеме дека многу лошото секогаш кратко трае и дека сѐ за што сме тука е да направиме денот во кој се будиме – да се брои. Не некој друг да ни го брои, туку ние да си знаеме и ние тоа да го емитираме како сигнал. Градации на лошо има на милион фреквенции, тоа е ѓубриште за хиени, нема да пребираме од таму, сигурно! Но, има една интересна сопка што остава да трае булингот – кога си ја валидираме сопствената интелигенција. Заради ваква „љубов“ кон себе, се тежнее на лошото повеќе му се верува, па горе-долу изговорите се вакви: 1) доброто звучи наивно, будалесто, го зафркнува човекот, па што има да се зема предвид, 2) лошото е сигурно оти веста за него е брза, па нема време да се деформира, значи поточна е, па лошото е факт на кој може да се потпреш, 3) ништо нема врска, ни добро, ни лошо, ни вистина ни лаги, животот е умирање ден по ден.
Сите три вида сопки се комуникативни, а уште повеќе, се чисто политички, бидејќи индивидуата ги емитира после ист таков примен сигнал од надвор, не потекнуваат од неа автентично. Веднаш може да се праша секој, на пример – што, поточно, му е така страшно лошо, имено? Сепак ќе се одлучи за покажување „интелигентно“ намрштено лице кон светот, бидејќи оптимистичното, се смета, не е „реално“! А кој не е реален, тој е сонувач, а кој е сонувач, не се снаоѓа во светов и кој не се снаоѓа е помалку интелигентен, така оди „лизгалката“ од оваа недоследност.
Егото не запира тука и секоја хиен-рархија смета на тоа. Дури и кога незагрижени колку интелигентно им изгледаме на други, т.е. ќе ги поминеме скалилата 3), 2), па 1) одлучени дека сепак може посамоуверено да си ја освојуваме иднината без посебно потресување, патот го препречува страво-суетата да не случајно сме во нечиј кош што во очите на другите не е кул, дури и било животозагрозувачки во некои минати времиња. (Крикнува „О, јас сум најобјективниот на светот!“) Уште повеќе, тоа може да ја подигне цената на секој избор кај индивидуата, затоа што секоја преференца на крај се доведува во врска со политичка ориентација, оправдано или не. Штом е веќе така, поразборито би било постојано да се гласа, отколку постојано да се апстинира, бидејќи од една страна цената на „стравот“ дали ќе бидеш виден во еден кош или друг не се редуцира особено со самата апстиненција на денот на гласањето, туку останува во останатите денови сѐ до некои следни избори, а од друга страна, човек си ја остава можноста да си влијае на сопствената иднина и иднината на децата. Ако некој постојано мора да се брани со „неутралност“, тогаш е потенцијална жртва за туркање преку скалилата 1), 2), 3), па преку работ на катастрофирањето. Ако хиен-рархијата вака извлече од него доследна апстиненција, тогаш тоа е поен плус за неа, кумулативен процент во уделот на пророците на лошото.
Позната е една статија од 1968 година за тоа, што го кошта гласачот, а што добива со самото гласање, која во литературата е многу пати дискутирана со променети формули и пристапи. Лично ме изненади еден коефициент А, кој авторите во 1968 г. во САД го отстрануваат од пресметките, бидејќи, освен што самиот е комплексно поврзан со другите коефициенти, сметаат дека не е баш „универзален“ – а тој е, ризикот работодавецот да смета дека гласаш за спротивен кадидат од него. Изгледа ние овде сме мајстори за „неуниверзалност“, а во 2016-та година тоа беше токму како ситуацијата што ја опишуваат во статијата: Вели – „Замислете јавно гласање и Црнец вработен на фарма гласа за кандидатот противник на оној за кој неговиот бел газда гласа, а маргината кој би ја однел победата – е тесна“. Штета што равенките не беа понатаму со овој коефициент. Но, од ова е јасно дека во поларизирана, бипартитна состојба, желбата за неутралност станува жед за сигурност, а апстиненцијата природен одговор за опстанок. Дали сме уште на оваа точка, се прашувам? Бидејќи ако една од две страни го преферира овој одговор, којшто е едниот од двата појасни одговори (едниот е масовна излезност – оти е комплетна демократија, а другиот е овој – апстинентност кај сите надвор од партиските бази), тоа значи политиките на таа страна за не-базното тело не ѝ се баш отворени и чесни.
Во превод – тоа се методите на популистите. Да бараш гласови, а да немаш јасни политики што не се „не ова, не она“, значи си чисто популистичка страна, оти тоа воедно значи и дека немаш идеологија – популизмот не е идеологија сам по себе, само реторичка алатка. Затоа популистите звучат како некои јасновитци над социјалдемократските карти, редовно, во светски рамки. „Многу си карактерен Народе, но многу ми те мачат некои, ццц“ – ќе рече популистот исто како јасновидецот. На пример, од популистичките партии и лидери се усвојува еден анти-естаблишмент јазик, за да се поттикне гневот на јавноста и со тоа да се максимизира поддршката меѓу нивните следбеници, без самите да веруваат во сопствената реторика. Особено, авторитарните популисти тврдат дека „народот“ треба да биде овластен, како збир од легитимни гласови во една демократија, а притоа не преземаат конкретни чекори за чесно проширување на учеството, јасно, бидејќи – не само што автентичниот плурализам е „смртен“ непријател на авторитарноста, туку ако не можат насила да го прошират својот удел во гласовите, сигурно е дека преферираат зголемување на својот удел преку застрашување на секого надвор од својата база.
Што значи сево ова? Од политичка гледна точка, постојаните ветувања на популистите за социјалдемократски политики и после доаѓањето на власт – нивно инвертирање во авторитарност, прави од социјалдемократите постојани пожарникари кога се на власт, за најосновно подигање на разрушените социјални политики – далеку од секаква социјалдемократска визија. Во меѓувреме луѓето ги слушаат пак „јасновитциве“ со своите катастрофирања и со дословно – социјалдемократски призвук од ветувања. Затоа е уште поинтересно кога популисти си играат манихејство кадешто тие се „добрите“ (со сиот патос во лелекањата), ама „лошите“ да бидат автентичните социјалдемократи по идеологија, додека, пак, воедно, институцијата „фрлање камења“ по моќниците навистина е изворно -социјалистичка иновација! Тоа е македонската ситуација, а сигурно ја има и во многу други земји. Притоа колку подесно тера популистичката партија, толку помалку ги разбира социјал-демократските „реформи“, со кои ги мами пилињата (Мелони, Фон дер Лајен се во десни партии, но не се само со де дикто социјал-демократски наративи, тие и спроведуваат такви политики). Ова е дополнително парадоксално што заради својата идеолошка празнотија, популистичката опција остава само една опција – социјалдемократија како апсолутен систем за народот, единствено што прашањето е дали популистите биле избрани да му вагаат милиграми добри социјални политики со килограм лоши на народот, или автентичните социјалдемократи ќе му овозможат стотина грама добри социјални политики, гасејќи ги пожарите од килограмите лоши, од којзнае кои времиња.
Некој ќе рече – па тука се и националните прашања, десните обично се грижат за нив. Но, лесно може да се види дека ниедно прашање не е национално доколку во себе не содржи и социјална, и демократска компонента. Не случајно токму за социјалата се зборува и од популистите, на сите избори, и токму заради тој рецепт, социјалдемократијата никако не успева да имплементира инкрементно подобри политики: Бидејќи постојано е во состојба гради-руши, запали-изгасни. Ќе се вети – и ќе се направи спротивното од страна на популистите. Ќе се вети – и не може да се донаправи оти се гасат дискриминаторните авторитарни пожари насекаде од страна на социјалдемократите.
Популистите без идеологија, имаат единствен интерес да го зголемат својот удел во гласовите преку парализирање на сите кои не се припадни на (нивната) партија, да ги кошта скапо да гласаат.
На пример, еве, за лесно да се види дека популистичкиот национализам е гола реторика што од лош патос тргнува кон автодеструкција гледано кон целиот колектив – народ: Клетвите кон половина од уделот на гласачкиот народ („сотирање семе“, „откорнување“ итн.) се вистински израз на желбата за уделот на сите други да се намали, затоа што со тоа уделот на популистот („националистот“) се зголемува. Тоа дава и дел од математичката гледна точка – популистите без идеологија, имаат единствен интерес да го зголемат својот удел во гласовите преку парализирање на сите кои не се припадни на (нивната) партија, да ги кошта скапо да гласаат. Другиот дел од таа гледна точка се состои во разбирањето дека како играчи, двете страни играат две различни игри. Популистите, бидејќи немаат идеологија – немаат ни долгорочни цели, и со тоа автоматски се играчи во таканаречена „бесконечна игра“, која се карактеризира со единствена цел – да продолжи. Затоа, ваквиот играч инсистира да победи заради победата за себе, а не заради некакви други цели и визии за иднината за колективот. Обратно, секоја страна која има конечни цели (во рамките на идеологијата, обично), игра конечна игра и бара победа заради остварување на тие цели. Праксата покажува дека на долг рок, оние чија борба содржи визија за колективот преовладуваат, односно визијата преовладува над не-визијата, автентичната идеологија преовладува над нејзината популистичка мимикрија.
Секое „национално“ што е спротивно со социјалното, со образовното, со системот за правда – не е никакво национално туку наци-шминка.
Сега, некој ќе рече – сѐ е ова теорија, се знае дека сите се корумпирани и не заслужува никој ништо. Дополнително, „зошто да се плеткаме во војната за фотељи меѓу тие луѓе“, тоа навистина е скапо за индивидуата, слично како коефициентот за црниот фармер од статијата. Меѓутоа, ова е маѓосан круг, кој и не е така тешко да се разбие, малку треба егзистенцијална флексибилност. Затоа што, доколку се продолжи да се апстинира, навистина уделот на едниот „корумпиран“ (како што тврди „неутралната“ приказна), популистот – се зголемува и воедно се зголемува можноста тој да дојде на позиција и да ја наплати таа висока цена. Обратно, ако се гласа за што и да е друго освен за него, се намалува неговиот удел. А ако се преземе негово максимално намалување – се зголемува уделот за автентичните социјалдемократи. Според приказната и тие се „корумпирани“, но тие не го наплаќаат „црниот“ коефициент. Така што, лошото не е еднакво, или при две еднакви лоша („корумпирани“), се гледа прво кој нема да наштети на социјалната компонента, што автоматски значи – ни на националната. Секое „национално“ што е спротивно со социјалното, со образовното, со системот за правда – не е никакво национално туку наци-шминка. Не може да се продава морален пуританизам дека секое лошо си е лошо. Дали, на пример, од слојот на „објективните“, „интелигентните“, постои човек кој ќе го изврши тоа мало „морално зло“ и гласа – како што го сфаќаат гласањето, со цел на неговите деца да не им се случи поголемо зло? Или ќе гледа да не се „извалка“, тешејќи се – ништо нема да им биде на децата (а патем слуша катастрофирања). Ова не е прагма или утилитаризам за нијанси на подобро, ниту па преференца за „некого“, туку е одбегнување на лошото, што е секогаш автентична мотивација, конечна цел, долгорочно добра. Уште не сме стигнати до надградување на политиките за да се гласа „за“, но првиот чекор, како во графичкото решавање равенки е прво да се види на кој од двата дела од еден интервал се наоѓа решението. Таму сме. Ако го погодиме делот кадешто е решението, тој дел го разделуваме и го бараме решението во кој од новите два дела се наоѓа. Само така ќе добиваме подобри политики за нас, а понеудобни фотељи за „сите нив“ – за кој и да е власт.
Демократијата во сите земји, дури и оние кои се минимално демократски, е стандардизирана така, на ливчето да се гласа „за“, а не „против“. Тоа е тежнеењето, општеството да стигне до вистинско „за“.
Сепак, демократијата во сите земји, дури и оние кои се минимално демократски, е стандардизирана така, на ливчето да се гласа „за“, а не „против“. Тоа е тежнеењето, општеството да стигне до вистинско „за“. Забележав во еден од прашалниците во методите од една статија при анкетирање на разни групи граѓани прашање: „Зошто излегувате да гласате“. Ставиле опција – „Затоа што тоа е во согласност со моите вредности“. Автократските популисти не можат да се натпреваруваат ни со помалку од ова – со нашето заобиколување околу нив.