Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети од партиското седиште во Мала Речица, преку видео обраќање ја објави кандидатурата на оваа партија за претседателските избори што ќе се одржат на 24 април. Како што пишуваше и претходно „Фронтлајн“, интегративците на претседателските избори ќе одат со актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Осамни.
– Бујар се докажа на локална и меѓународна сцена и учествуваше во битката против Русија како и дел од нашиот тим за промена на Уставот, влез во НАТО и почеток на преговори за членство со Европската унија. Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на времето и следната битка да ја добиеме вашата доверба за избор на претседател во Собранието со мнозинство од две третини од гласовите, како и со Бадентерово гласање, за да ја реализираме нашата визија за консензуален претседател. Вашата доверба ќе ни овозможи со отворањето на уставот да го спроведеме Договорот со Бугарија и да ги откочиме евроинтеграциите и со тоа и велиме на Русија, НЕ, рече Ахмети.
Ахмети рече дека ДУИ и тој лично е подготвен да ја води последната и решавачка битка за обединување и интеграција. Според него, парламентарните и претседателските избори се од одлучувачко значење во оваа битка.
– На овие избори решивме да побараме да застанете заедно, да се построите со нас во барањето за измена на уставот и избор на претседател и потпретседател на државата во Собранието, вклучување на бугарската заедница и други во Уставот. Нема да бидеме дел од ниту една влада што не го менува уставот и ќе излеземе да се бориме и да ги победиме овие егзистенцијални закани за нашата земја, рече меѓу другото Ахмети.
Според него, „поларната мечка Русија“ ни тропа на врата и делува во сите пори на нашето општество, дестабилизирајќи ги институциите и влијаејќи на партиската сцена во земјата.
– Русија е присутна во политичките партии во нашата земја, во нашите медиуми, во граѓанското општество, во нашата економија, во нашата критична инфраструктура и во секој општествен сегмент, не само кај нас, туку и во целиот наш регион, изјави Ахмети.
Тој вели дека рускиот претседател Путин, министерот за надворешни работи Лавров изјавиле дека членството на Македонија во НАТО е линија на огнот за Русија, а се построиле против членството на нашата земја во ЕУ.
– Македонија е мала земја на раскрсницата на цивилизациите, со кревко мултикултурно и мултиетничко општество, сè уште не целосно консолидирано, елементи кои се во интерес на Русија да ги искористи за да промовира домино ефект во целиот регион и да го дестабилизира континентот. Ова е вистинска закана, рече Али Ахмети – лидер на ДУИ.
Поврзано:
Дестан Јонузи