Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека се договорил со лидерите на Ирска, Малта и Словенија да ги направат првите чекори кон признавање на палестинската држава.
Санчез по состанокот на Европскиот совет во Брисел рече дека очекува „Шпанија да ја признае Палестина“ за време на неговиот четиригодишен мандат што почна минатата година, пренесе Бета.
– Се согласуваме дека единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност во регионот е преку имплементација на решение за две држави, при што израелската и палестинската држава ќе живеат рамо до рамо, во мир и безбедност, се вели во заедничката изјава на премиерите на Ирска, Малта, Словенија и Шпанија.
– Заедно разговаравме за нашата подготвеност да ја признаеме Палестина и рековме дека ќе го сториме тоа кога ќе може да даде позитивен придонес и кога околностите се соодветни, се додава во соопштението.
Говорејќи по самитот, словенечкиот премиер Роберт Голоб рече дека верува оти може многу да се направи „во следната недела“ за да се зајакне политичката поддршка за палестинската држава во Обединетите нации. Голоб додаде дека е „сигурен“ дека моментот кога ќе бидат „зрели“ условите за формирање нова влада во Палестина може да биде „неколку недели, можеби и еден месец“.
Together with 🇪🇸🇮🇪🇸🇮 we agreed to recognise the Palestinian State when conditions are appropriate & circumstances can contribute to the successful peace process.We also agreed on the need of an immediate ceasefire,release of hostages & increase of humanitarian aid into Gaza. – RA
— Robert Abela (@RobertAbela_MT) March 22, 2024
Девет од 27-те земји-членки на ЕУ во моментов го признаваат правото на Палестинците на држава според таканаречените граници од 1967 година, кои ги вклучуваат Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим.
Малта, заедно со источните држави како Бугарија, Чешка, Романија и Словачка, го признаа правото на Палестинците на државност од 1988 година. Во 2014 година, Шведска стана првата земја членка која еднострано го призна правото на Палестинците на државност додека беше членка на блокот.
Ј. Ѓ.