Кандидатите за претседател на државата денеска во Државната изборна комисија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, освен претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“, Стево Јакимовски.
Јакимовски рече дека ќе го почитува Кодексот, но дека нема да го потпише доколку ДИК не гарантира дека ќе организира дебати, посочувајќи дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средствата за кампањата не се рамноправно поделени.
– Ние учесниците во изборниот процес се обврзуваме дека ќе ги почитуваме сите закони, правила и прописи кои се релевантни на изборите и ќе го почитуваме владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите. Ние учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваме дека нема да вршиме никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната администрација и државната администрација во другите институции или установи финансирани од Буџетот на државата, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговските друштва и претпријатијата со државен капитал, се вели во Кодексот.
Во дел од него се наведува дека учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат дискриминација и омаловажување врз основа на пол.
– Ние, учесниците во изборниот процес исто така недвосмислено се обврзуваме дека ниту едно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или не поддржување на која било политичка партија или кандидат, се вели во документот.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и Коалицијата изрази уверување дека имаме доволно институционална меморија како држава и доволно политичка култура за сите кандидати да го одржат нивото на дебата и целиот процес да биде фер и демократски.
– Мислам дека ќе докажеме уште еднаш дека како држава сме подготвени да го извлечеме на највисоко можно демократско ниво овој процес на нивото на просечно европско или светско ниво, бидејќи ова е иницијален чин во демократијата – ако не сме подготвени како држава да го направиме на највисоко можно ниво со почитување на сите меѓународни стандарди за изборниот процес, тогаш не треба воопшто да разговараме за понатамошните фази понатаму во практикување на политиката. Уверен сум дека ќе биде демократски процесот. Од моја страна можам да кажам и јавно дека нема да бидат користени не само овие што се наброени нечесни или нелегални средства, методи, инструменти и државни ресурси итн., туку од почеток до крај, а тоа го покажав и минатиот пат, ќе бидам во рамките на она што се нарекува коректна, културна, децентна политичка дебата, рече Пендаровски.
Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, потпишувањето на кодексот го оцени како церемонијален чин и нормативен и морален илузионизам, но посочи дека лично таа ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати.
– Не можам, а да не кажам дека особено проблематично е да се држите до Кодексот за фер и демократски избори од аспект на прва, втора, трета, четврта, петта алинеја кога се работи за кандидати со висок статус во државата кои тој статус можат да го употребат бидејќи одлучуваат за многу прашања врзани не само за вработените од нив и кај нив, туку и за употребата на државните ресурси. Што се однесува до мене ниту минатиот пат, ниту сега нема да посегам по ад хоминем однос, ќе говорам со аргументи за програмата и ќе ги почитувам сите кандидати, а посебно противкандидатката. Добро е што сме две зошто тоа е веќе исчекор и гаранција за ноторниот факт дека и женските права се човекови права и дека и жените исто така може да се натпреваруваат за високи државни позиции, рече Давкова.
Стевчо Јакимовски, кој не го потпиша Кодексот, рече дека утрово ја добил веста дека се откажува мастер дебатата што ја организираше Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
– Навистина е чудно на локални избори одиш на три дебати каде што разговараме за канализации, водоводи и паркови, а кога разговараме за битни државни прашања да немаме ниту една дебата. Мене ми е жал што јас ова го кажувам. Кодексот ќе го почитувам, меѓутоа ако немаме дебати, нема да го потпишам, рече Јакимовски.
Претседателскиот кандидат на ДУИ и Коалицијата Бујар Османи рече дека ќе се залага за позитивна кампања, порачувајќи дека ќе пристапат коректно кон овие, како што рече, важни избори.
– Никогаш во животот не сум користел некоректен пристап кон кој било во политичката трка, ниту пак сум користел црна кампања во оваа трка. Ја разбирам политичката трка како трка на алтернативни понуди што треба во текот на изборната кампања да им ги пружиме на граѓаните и после тие да одлучуваат врз основа на квалитетот на понудата и на тоа што тие нудат. Ветувам дека оваа изборна кампања ќе биде трка на алтернативни понуди и ќе дискутираме за идеи, за проекти, за визии, а не ад хоминем како што рече еден од нашите колеги овде. Уште еднаш ветувам и ги уверувам сите граѓани дека во моите можности мојата кампања ќе биде позитивна, коректна, конструктивна и во ниту еден начин нема да газам ниту еден закон или правило што го одредило ДИК или што е спротивно во етиката, рече Османи.
Претседателскиот кандидат на „Левица“ Билјана Ванковска нагласи дека Кодексот ќе го потпише, но не верува во ништо од ова, како што рече, празно парче хартија и побара телевизиите да организираат дебати со сите претседателски кандидати.
– Без дилема ќе го потпишам овој Кодекс. Ова го сметам за протоколарен чин, меѓутоа чувствувам потреба особено затоа што ми е дадена можност да кажам дека во ова парче хартија, не верувам. Ова е празно слово на хартија во земја во која не се почитува Устав, во која не се почитува закон. Оде секој од нас ќе каже неколку убави зборови за тоа каква кампања очекува, дека ќе биде на највисоко морално, лично, етичко ниво, меѓутоа реалноста е нешто друго, и вие медиумите тоа добро го знает. Токму пред да влезам овде, разговарав со неколкумина кои беа дури и гневни околу она што се случува на терен. Прво, кампањата е почната, потоа кампањата е веќе фаворизирана. Не знам дали медиумите пренесоа дека вчера заедно со лидерот на партијата што ме поддржува Левица поднесовме претставка пред Уставниот суд. Денес овластивме адвокат кој ќе покрене судски постапки против, за жал, со извинување и членовите на ДИК, меѓутоа и членовите на ААВМУ. Се работи за онаа дискриминаторна распределба на она малку ситно време што го имаме за претставување пред граѓаните. Јас лично како професор и како кандидат во оваа трка ќе ги почитувам највисоките стандарди затоа што тоа мене ми приликува, затоа што е тој мој личен кодекс, а не затоа што државата ме принудува. Меѓутоа, правната битка ќе ја водиме жестоко против дел од кандидатите и институциите, рече Ванковска.
Претседателскиот каниддат Арбен Таравари, поддржан од албанската опозициска Коалиција „Вреди“, изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега.
– Потпишувањето на Кодексот го ценам како добар акт каде сите ние ќе ветуваме дека ќе се придружуваме на етичкиот и моралниот аспект и норми кои се и не се во законот. Мислам дека се уште сме многу далеку од тоа што целиме да бидеме – да организираме избори како во европските држави, но и сме многу подобро од тоа што кога ги организиравме пред 20-30 години. Се надевам дека во текот на кампањата ќе имаме дебати без оглед кој ги организира. Мислам дека тоа е неизбежно и треба да се соочуваме во различни дебати каде секој од нас ќе ја презентира својата програма пред граѓаните. Верувам дека ќе дебатираме таму каде што ќе ни се даде можност, рече Таравари.
Максим Димитриевски поддржан од ЗНАМ рече дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на овие двојни избори да победи демократијата.
– Сметам дека ние денеска потпишуваме форма, а не суштина, бидејќи истата ова форма која ја потпишуваме уште однапред без разлика што преземам целосна одговорност со моето потпишување да ја почитувам, нема да биде почитувана во целост. Искрено жалам што многу хипокризија почувствував во одредени излагања, особено во делот на став 4 и за истата да се елиминира ДИК може и има таква надлежност да влезе во потписите кои беа евидентирани за нас како поддршка да направи суштинска анализа колкав број на луѓе вработени во јавна и државна администрација се потпишале за нас како кандидати и со ова сомнежот да биде отфрлен во целост, но притоа вклучувајќи ги и потписите на почитуваната професорка Давкова. Што се однесува до јавните настапи, како кандидат ќе ги прифатам сите јавни настапи каде што ќе бидам поканет, без разлика кој и да ги организира. Ќе ми биде чест и задоволство, особено да дискутирам на сите теми отворено пред македонската јавност со двата најфаворизирани противкандидати, за кои што бевме сведоци во изминатите неколку месеци како ги слушаме различните анализи, сондажи со кои се креираше а не анализирање јавното мнение. Факт е дека немаме сите еднакви права и можности, иако со Уставот тоа е загарантирано, рече Димитриевски.