Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека неговата земја ќе ги прекине дипломатските односи со Еквадор откако полицијата упадна во мексиканската амбасада во Кито.
Лопез Обрадор вчера истакна дека овој чин претставува флагрантно кршење на меѓународното право и на суверенитетот на Мексико, објави Ројтерс.
Претседателот на Мексико на платформата X напиша дека мексиканската Влада ќе постапи според законот и веднаш ќе објави прекин на дипломатските односи со Еквадор.
Еквадорските полицајци вчера насилно влегоа во мексиканската амбасада во Кито и го приведоа поранешниот потпретседател на Еквадор, Хорхе Глас, кој таму бараше политички азил.
Рацијата се случи неколку часа откако мексиканската Влада му даде политички азил на Глас.
Глас е можеби најбараниот човек во Еквадор и се соочува со истраги за корупција.
Претседателството на Еквадор синоќа објави дека Еквадор е суверена држава и нема да дозволи ниту еден криминалец да остане на слобода.
Тензиите меѓу двете земји ескалираа во четвртокот, откако претседателот на Мексико рече дека Еквадор го смета за „многу несреќен“ поради последните избори, на кои победи еквадорскиот претседател Даниел Нобоа.
Како одговор на таа изјава, еквадорската Влада го прогласи за персона нон грата мексиканскиот амбасадор.
Г. Т.