По приведувањето за време на инциденти на фудбалскиот натпревар БВК Коњаре-Куманово, основачот, уредник и новинар на PortaliX, Фуркан Салиу, доцна вечерта излезе од полициска станица. На рацете имаше траги од лисиците и мали повреди од чинот на апсењето, пишува Мета.мк.
Салиу беше приведен, како што изјавија од МВР, за напад на службено лице, а оттаму изјавија и дека во неговиот автомобил бил пронајден пиштол.
Тој негира дека нападнал полициски службеник и смета дека е уапсен затоа што снимал како полицијата почнала да тепа недолжно момче на фудбалски натпревар, на кој настанал тотален хаос, а според него, МВР имало лоша координација. Салиу додаде дека поседува дозвола за пиштолот, кој е пронајден расклопен во неговиот автомобил при полициски претрес по инцидентот, во негово отсуство.
„Ме товарат дека сум нападнал полицаец. Нека го докажат тоа, од утре не ме гледате на екран. Ќе се извинам и ќе се тргнам. Нека докажат дека сум чепнал еден полицаец. Имаше таму полицајци кои снимаат, имаше камери од страна, нека докажат дека јас сум удрил полицаец… Полицајците почнаа да тепаат момче кое воопшто не учествуваше во тепачката, го ставија под кола да не се гледа и почнаа да го тепаат. Го извадив телефонот за да го документирам тоа, затоа што дечкото навистина ништо не направи. Ми го земаа телефонот, ме уапсија мене дека сум пружал отпор, сум нападнал полицаец, ве молам докажете го тоа. Викам во видеото, се слуша, бегај – новинар сум, снимам, 90 отсто од тие полицајци ме знаат“, изјави Салиу.
Тој не сакаше да инсинуира дали апсењето е политички мотивирано, поради неговата работа како новинар и рече дека сето ова се случило поради лоша координација на полицијата на натпревар кој бил од висок безбедносен ризик, и токму затоа тој таму присуствувал како новинар, заедно со снимателот и монтажерот од редакцијата.