Најмалку седум новинари се приведени додека известувале за протестите по локалните избори минатиот викенд, додека двајца новинари се заканувале, а други биле изложени на физички напади поради нивното известување за локалните избори во Турција, каде владејачката АК партија го претрпе својот прв изборен пораз низ целата земја од 2002 година, бидејќи главната опозициска партија, ЦХП, победи во 35 главни градови на провинциите и ја врати контролата врз главните градови Истанбул и Анкара.
Одлуката на Изборниот совет на провинцијата Ван да го поништи мандатот на прокурдскиот кандидат за градоначалник на Партијата за еднаквост и демократија (ДЕМ) Абдула Зејдан и да го назначи кандидатот на АКП Абдулахат Арвас за нов градоначалник на 2 април 2024 година врз основа на приговорот во последен момент на Министерството за Правдата пред локалните избори минатиот викенд предизвика протести низ целаТурција.
Зејдан победи на изборите добивајќи 55 отсто од гласовите, додека Арвас стана второпласирана со 27 отсто. Регионалните функционери во Ван ја поништија изборната победа на Абдула Зејдан, повикувајќи се на претходна пресуда за време на акцијата против прокурдските политичари во 2016 година.
Ван беше една од 10-те области кои ги освои прокурдската партија ДЕМ во јужниот и југоисточниот дел на Турција на локалните избори минатата недела.
Демонстрации избувнаа во Ван, град со мнозинско курдско население со половина милион жители, по што полицијата употреби солзавец и водени топови. Наметнатата забрана за протести во градот беше игнорирана.
Потоа илјадници луѓе излегоа на улиците во другите турски градови на југ и југоисток, а имаше собири и протести дури на запад до Измир и Истанбул.
Одлуката да се назначи Арвас наместо Зејдан предизвика протести во градот на 2-ри април, по што , како што пренесува порталот expressioninterrupted, демонстрантите беа изложени на брутални приведувања, физички напади и закани со смрт од страна на турската полиција и приврзаниците на партијата на Ердоган.
Сопственикот на лиценцата на Colemêrg News, Мимар Серкан Каја, кој беше нападнат од луѓе поврзани со покраинскиот претседател на АКП, Зејдин Каја, изјави дека се засолнил во куќа и се чувствувал загрижен за својот живот во југоисточната турска провинција Хакари.
Среде протестите, една група, во која бил вклучен и братот на Зејдин Каја, започнала вооружен напад врз демонстрантите. Додека на новинарите кои се обиделе да го проследат инцидентот им се заканувале со смрт.
По завршувањето на изборите во Сиверек, Шанлиурфа, некои лажни профили на социјалните мрежи им се заканија на голем број новинари на социјалните мрежи. Против тие сметки е поднесена кривична пријава.
„Сили за труд и демократија“ во Измир прочитаа изјава за печатот во врска со назначувањето на Арвас за градоначалник во областа Алсанџак на 2-ри април. Полицијата по изјавата ја растури толпата и насилно приведе многу луѓе. Оштетена е опремата на новинарите Ерсин Озѓул, Назлиџан Нуџин Јилдиз и Беркџан Зенгин.
Новинарката Еце Унер доби смртна закана на социјалните мрежи поради нејзините забелешки дека Арвас бил назначен наместо Зејдан.
Новинарката Медине Мамедоглу на својот Х профил на 3 април објави дека била тепана и приведена со лисици одзади додека известувала од демонстрациите на адвокатите во Ван. Мамедоглу рече и дека била цел на социјалните мрежи бидејќи ги информирала луѓето за кршење на правата што се случиле за време на протестите.
Претставникот на Ван Газете Дувар, Кадир Цесур, беше погоден со два пластични куршуми додека го известуваше за полициската бруталност против членовите и поддржувачите на партијата ДЕМ кои ги славеа изборните резултати во Ван.
Репортерката на JinNews, Рабија Онвер, беше повредена од пластичен куршум додека известуваше за протестите во Јуксекова, Ван на 3 април. Истиот ден со пластичен куршум во Ван беше погоден и репортерот на КРТ, Умут Таштан. Десетици новинари беа подложени на „бибер спреј“ и водени топови.
Новинарот Рушен Таква беше погоден со воден топ додека известуваше во живо за протестите во Ван. Потоа рече дека е мета и на социјалните мрежи.
Полицијата ги конфискувала и избришала сликите од телефонот на новинарот Октај Кандемир додека тој ги известувал протестите во Ван. Камерманот на Руда, Мухамед Шакир, бил погоден од бибер спреј додека известувал во Ван. Петмина новинари биле претепани од полицијата додека известувале за инциденти на различни локации во Ван.
Назначувањето на Арвас во Ван предизвика протести во областа Есенјурт во Истанбул. Полицијата ја разби толпата која се собра на протест пред Врховниот избирачки одбор во Ван на 3 април. За време на полициската интервенција беа приведени известувачот на новинската агенција Мезопотамија (МА) Ферхат Сезгин, новинската агенција Пир Дилан Шимшек, репортерот на Арти Герчек Музејен Јуче и репортерот на дневниот весник Јени Јашам Сема Коркмаз заедно со 128 лица. На 4 април, притворот на сите приведени им беше продолжен за еден ден. На 5 април, Коркмаз и Сезгин беа ослободени.
Во областа Кадикој во Истанбул, платформата „Жените се силни заедно“ организираше демонстрации во знак на протест против полициското насилство врз луѓето во Ван. Полицијата приведе 35 лица, меѓу кои и новинарите Зилан Азад и Јешим Докур.
Во југоисточната турска провинција Батман, новинарите на MA и JinNews беа погодени со водени топови.
Полицијата ги разби демонстрантите во провинцијата Сиирт и ги претепа новинарите на новинската агенција НеХабер.
Во четвртокот, како што објави Би-би-си, турскиот Врховен изборен совет одлучи да ја поништи регионалната одлука за поништување на победата на Зејдан, што ги натера партиските претставници да кажат дека „волјата на народот оживеа“. Протестите во центарот на Ван веднаш беа заменети со прослави.
Новоизбраниот градоначалник рече дека правдата е задоволена. Тој им се заблагодари на поддржувачите и лидерите на другите политички партии кои покажаа солидарност, како и на колегите курдски политичари кои останаа во затвор.
Сепак, голем број неистомисленици на Ердоган, новинари, политичари, активисти за човекови права се наоѓаат во турските затвори. Според expressioninterrupted, по ослободувањето на новинарот Мурат Верим, од 6 април 2024 година има најмалку 28 новинари и медиумски работници во затвор во Турција, или во истражен притвор или на издржување казна.
Новинарот Мурат Верим, поранешен известувач на сега веќе непостоечката новинска агенција Dicle (DİHA), е ослободен од затвор по 16 месеци поминати зад решетки, од јануари 2023 година. Тој беше уапсен на грчката граница откако беше екстрадиран во Турција врз основа на налог за апсење издаден поради правосилна пресуда од 3 години затвор под обвинение за „сторување злосторства во име на терористичка организација. ”
Списоците на сите новинари во затвор и медиумските институции, здруженија и фондации затворени во услови на вонредна состојба може да ги погледнете овде.
Дополнително, во Турција, до септември 2023 година, имало над 200 политички затвореници притворени надвор од своето време, а бројката се зголемува секојдневно, пишува Медиањуз.
Михеме Поргебол, активист за правата на затворениците и брат на курдски затвореник, наведува дека и покрај формалното укинување на смртната казна во Турција, де факто смртната казна сè уште се применува за курдските политички затвореници.
„Денес има повеќе од 200 затвореници [во Турција] кои ја завршија својата 30-годишна казна, но не се ослободени“, вели тој.
Поргебол ги следеше корените на ова прашање уште во 1990-тите, период обележан со интензивно државно насилство во Курдистан. Според него, во текот на овој период, илјадници Курди биле уапсени и судени пред специјалните судови за државна безбедност, без разлика дали биле поврзани или не со Курдистанската работничка партија (ПКК), која била главната цел.
Поргебол објасни дека многу од овие затвореници првично биле осудени на смрт. Сепак, овие казни подоцна беа заменети со доживотен затвор поради различни причини, вклучително и политички притисоци и промени во турската политика. И покрај тоа што и Судовите за државна безбедност и самата смртна казна подоцна беа укинати.
„Ниту еден од овие [доживотни] затвореници не е повторно суден, што во суштина ги потврдува доживотните затворски казни“, рече тој.
Секако, најпознатиот политички затвореник во Турција е поранешен шеф на Курдистанската работничка партија (ПКК), Абдулах Оџалан, кој беше киднапиран во Кенија од агенти на турската тајна служба пред 25 години. Тој беше осуден на смрт во Турција, казна која потоа беше намалена на доживотен затвор.
Очалан моментално е затворен во затворот на островот Имрали, кој се наоѓа во Мраморното Море. Во текот на неколку години се применува забрана за посети на адвокати, коа се уште е на сила. Во најголем дел од часовите тој е задржан во самица. Обидите во последните години да се подобрат условите за притвор во Имрали пропаднаа.
Курдската заедница низ светот постојано организира демонстрации за ослободување на курдскиот лидер Абдула Оџалан и за кршењето на правата на Курдите во Турција. На протестите, демонстрантите носат знамиња испечатени со портретот на Оџалан, и вејат црвени знамиња за незаконското затворање на илјадници политички неистомисленици, особено Курди, затворени во затворите низ режимот на претседателот Ердоган, скандирајќи „Долу фашистичкиот режим во Турција“.
Драган Мишев / Цивил Медиа