Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Како во сцените од „Убиството во Ориент експрес“ не постои еден убиец – сите патници низ времето ја убија идејата за обнова на Универзалната, систематски, еден по еден. А зад сцената се оние најтрајните и најмоќните во овој град, кои од него веќе направија непоправлива руина. Погледнете го градскиот плоштад – преполн со објекти кои создаваат слика дека само што над нас минале бомбардери и го испуштиле својот товар токму тука.
Ќе изградиме нова Универзална сала. Оваа реченица веројатно е сместена во сите политички програми на политичките субјекти кога требале да се намамат граѓаните на Скопје да излезат на гласање. За време на локалните избори позачестено, но и за време на оние покрупните политички игри каде будењето на сентиментот на скопјаните може да биде привлечна агенда. Оттаму, барем на моменти се чинеше дека прашањето како да се врати во функција Универзалната сала просто секогаш како задача го има ветерот во едрата и лесно може да биде исполнета цел! За која да е власт и на централно и локално ниво?! Но, постојано имаше изјаловувања, па дури и некои поединци го платиле цехот на таквите повлечи-потегни реализации и тоа од својот џеб. Ќе прочитате подолу. А во меѓувреме темата за овој некогашен центар на културните и забавни активности како музичко рондо се вртеше во медиумската орбита.
Монтажен објект како и бараките во Драчево
Најпрвин, во тој контекст да расчистиме со некои факти – Универзална е времен објект во стартот, како и најголем дел од објектите во кои живеја преживеаните после земјотресот (монтажни бараки), се лекуваа, одеа да се образуваат… И не е подарок од Република Бугарија како што се мисли. Тоа е монтажен објект каков што има на многу места кај источните соседи, а платен е со пари од Фондот за обнова и изградба на градот основан од 35 држави во светот. „Техноекспортстрој“ од Софија, „ги доби парите, а на 2 август 1965 година, иако објектот бил недовршен, ги примил првите 1.800 посетители (https://mk.wikipedia.org/wiki> Универзална сала)
Значи тоа бил почеток на кој требало да му се види крајот уше тогаш. А сега, кога објектот во реновирање го зафати пожар најголемо внимание заслужи изјавата на еден од поранешните директори на ЈП „Универзална сала“ Душко Поповски:
„Бев тука директор од 2005 до 2009 година. И тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше на граница на употреблива вредност. Ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло 40 или 50 години. Не работи веројатно последните 7-8 години. Прва информација што ја примив кога станав директор е дека сличен ваков објект во Бугарија изгорел за седум минути. Можете ли да замислите каква трагедија би била во случај на преполна сала. Тоа беше мојот најголем страв, дека еден ден ќе се случи пожар. За среќа, сега веројатно е без жртви и повредени“– истакна Поповски.
Имаше мегаломанија ама немаше финален производ
Факт е дека да се одговори на тоа кој е виновен за пожарот е како да се влезе во шума од претпоставки и тешко е да се погоди вистинскиот виновник. Повеќе може да се говори дека се работи за одговор на прашањето – кој е убиецот во „Ориент експрес“ на Агата Кристи, каде славниот Еркул Поаро како истражувач открива дека сите патници во еден вагон ја убиле жртвата, секој со по еден удар со ист ноќ! Многу се „убијците“ на Универзална, или со одбегнување на изградбата на нова сала, или со обидите на неа да ја испробиваат својата мегаломанија. А секако ги има и оние кои ги нарекуваме урбана мафија а кои во тоа парче државно земјиште во центарот на градот си гледаат еден грст нови висококатници со најскапи можни цени и се разбира – профити. Нивна цел е на тој простор да нема никаков јавен објект, туку оној кој нив би ги „омастил“. Па, прв кој „заби нож“ во проектот на обновата на салата беше оној кој го одзема паркингот на Универзална за да гради катна гаража, а направи хибриден објект во кој доминира деловен простор за скапа кирија!
Но, затоа навистина иритира фактот дека како и во сите појави што создаваат атмосфера на страв и паника во државата и градот секогаш предничат оние од палатата Татарчев, кои не чекаат ни пет минути кога ќе збувне огнот, како неодамна, за од фиока да извадат подготвено соопштение низ кои ќе ја прошират паниката ама и причината веднаш ќе ја адресираат на главниот политички противник! Така беше и овој пат со пожаррот кој го крена градот на нозе и отвори многу муабети за потенцијалниот виновник. Јасно, околу огхнот почнаа да се вртат и многу ликови кои не можат да избегат од својата вина, како патниците од оној судбоносен вагон во „Ориент ексопрес“ .
Соодговорниот за урбаниот хаос критикува…
Еден од нив беше и Вангел Божиновски, соодговорен за урбаниот хаос во градот, особено во центарот, како еден вид на идеолог на барокизацијата. Тој говореше за матните политички води и слично ама и тој е добро избањат во тие валканици!
Го немаше таму се чини само оној архитектот кој со децениии од својот живот со една настојчивост и конструктивност даваше конкретен придонес токму во вклопувањето на еден нов проект за таа идна Универзална вклоплив во вкупниот амбиент на тој простор.
А токму тој – архитектот Ангел Ситновски Бојс е секако една од централните фигури кој може многу да раскажува за тоа како Универзална сала е надвор од некаков систем на вредности а повеќе е игра на политичарите со емотивниот епицентар на убавите спомени на скопјани за нивниот град.
Со него разговарав по едне друг повод во 2021 година кога честите смени на директорите во НУБ Климкент Охридски оневозможи реализирање на негов проект за заштита на културното богатство оваа установа заради континуирано течење на покривот на зградата која е во употреба од 1971 година. Една директорка беше загрижена, новиот кој дојде со некаква брза рокада во Владата не го дозволи тоа! Бојс. како што го знаат оние кои се сретнуваат со овој доста активен сограѓанин и е пред се врзан за проектирање на објекти кои допираат до нашите емоции. Една од нив е токму Универзалната сала, тогаш обвиткана со тараби, а и тука, како во случајот со Националната универзитетска библиотека се повторува една иста ситуација, еден рондо.
Бојс почнува со идеен проект, некогаш оди и понатаму, а потоа истиот или се прекинува или се оди со драматична концептуална промена. Зад сето тоа стои политиката, а парадоксот е во тоа што политиката ќе опстои и во добрите и во погрешните потези а клучните, стручни играчи, локомоторите на потезите што треба да спасуваат ситуации, како онаа со руинирањето на Универзална а сега и со пожарот токму кога конечно започна обновата, укажуваат на изгубеното време што не ги можел да го опише ниту Пруст.
Еден почни, друг продолжи, трет ветувај
Во неговата меморија стои дека своевремено од страна на градоначалникот Пенов добил повик да направи идеен проект со кој би се сочувала функционалноста на Универзална. Но, времето бргу минало, промената во градоначалничката фотелја довела до тоа неговиот идеен проект да не доживее свој континуитет. И потоа доѓа црвено=црната коалиција, онаа кога за се’ решаваше сега побегнатиот осуденик Никола Груевски, а негова втора виолина беше министерката Елизабета Канчевска Милеска. Во времето на овој двоец дрматори Универзална беше на приоритетна листа, при што постоеше и континуитет од осум години владеење со Градот Скопје и на Коце Трајановски, додатна поволност која веројатно никогаш нема да се повтори! Говориме, се разбира, од аспект на потребата да се реши проболемот со Универзалната.
Власта на Груевски била свесна дека постои силна емотивна врска меѓу истрошената зграда на Партизанска и гласачите. Логично било за идната ивестиција да се повика стариот идден проектант Ангеле Ситновски Бојс. Работата изгледала сериозна, дури го повикал и самиот премиер Груевски.
– Тој веднаш ме праша колку луѓе би собрала реконструирана зграда на Универзална. Му реков дека со изградба на уште еден „прстен“ околу габаритот на сегашната сала од 1.700 седишта би можеле да се сместат 2.100 лица. Тој беше видливо незадоволен. Инсистираше на тоа да се прави проект за 5.000 посетители – се сеќава архитектот.
Бојс му објаснувал на премиерот дека во тој габарит не може да се прават „чуда“ и дека Универзална мора да се гледа во рамките на постојната урбана целина. Груевски му одговорил дека тоа не треба да биде негова грижа, дека треба да се градат подземни гаражи, ако треба. Но, Бојс реплицирал дека подземните води во градот се на 6 метри под површината, а тоа е факт кој мора да се цени и кај гаражите.
На Груевски, како што е вообичаено му треба нешто што мора да биде чаламџиско, согласно на неговиот карактер (добро го знаеме) па се изнедри проектот Јајце, кој предвидуваше, на пример, постоење на галерии на пет нивоа ()!) што е неспоиво со правењето на акустика за приредби и настапи од областа на естрадата и културата! И според Бојс тешко е во објект со таква форма воопшто да се мисли на акустика…
Првобитниот проект во вмроовска ера кој го прави Бојс требал да чини 7 милиони евра а Јајцето десет пати повеќе – 77 милиони евра. Може ли во тие големи бројки да се крие одговорот зошто се оди кон некаков нов „спектакл“? Јасно, новиот проект не е дел од некакви задачи за Ситновски.
Цената како магнет за изградба
Што е парадоксот на таа идеја, за која и деновиве архитектот Вангел Божиновски вели дека била храбра и жали што не се реализирала. Но, најпрво за тие огромни пари не се добивал нов простоер – Јајцето ќе може да собере максимум 3.000 посетители, со тоа што ќе има и варијанта за правење на скусена – мала сала за 300 гледачи. Проектанти биле Стојан Павлевски и Иван Симеонов а комисијата за избор на проект – внимавајте сега! – ја водел токму Вангел Божиновски (упс!). Теоретичарот кој денес, додека Универзална гори, ги искористи своите пет минути пред камерите на Канал 5 (каква коинциденција!) тогаш ја изненадил стручната јавност зошто не се борел за некаков барок, во негов стил.
Ама Божиновски во изјавата за медиумите вели дека тоа само било „нов вид на барок“! Туф, туф, туф! Впрочем проектот е наречен Конгресен центар „Александар Велики“ (2013 г.) и за него во стартот се одвоиле 400 илјади евра. Што би се рекло поинаку – дајте многу пари, накај 80 -сеттина милиони евра нема такво „теоретско покритие“ што Божиновски не ќе го покрие!
Ама таа мегаломанија, макар и од Груевски не минала, бидејќи не била една и единствена во исто време. Министерството за култура веќе заглавило со изградбата на Филхармонијата, која се градеше како „Скадар на Бојана.“ За враќање во рикверц немало веќе време, бидејќи и навидум големиот временски простор се истопил
Казната стигнува брзо
Индикативно е дека на Бојс му пропаѓаат 7.000 евра што морал да ги даде како гаранција, демек дека мисли сериозно (!) кога се зафаќа на правење ново-стар проект а бидејќи проектот во еден миог замира заради вина на Владата на Груевски, парите му пропаѓаат… Ситновски објсснува дека во малку подолг судски епилог сепак ги вратил парите, па сосе камата добил назад 10.000 евра. Но, владеењето на Груевски знае да биде сурово. Му испраќаат инспекторка од УЈП која мора да го казни и тоа со 12 илјади евра…
Политичката промена во 2016 година се направени некои чекори напред – на кормило на градот дошол Шилегов. Бил прашан колку време му е нужно за правење нов проект. Се чини дека постои волја за што побрза обнова на споменатиот објект и исполнување на „заветот“ од изборите. Се направила финансиска конструкција, се избришало името Конгресен центар а се што претходно е проектирано е прогласено дека било „надвор од секаква процедура“ и т.н. Одеднаш и Шилегов замислил дека Униврзална сала треба да се сели на некаде надвор од градот и да биде погабаритна како објект.
Своевремено на порталот marx.mk излезе текстот кого го цитирам:
„Никој не го разбира континуитетот, ниту историски значајните моменти на одлука помеѓу тоа. Сите локални власти имаат оправдување за своите чекори, без сериозно организирани дебати, пред да се донесе одлуката, бидејќи им чука часовникот кој им е со ограничено времетраење од 4 години, додека градот има милениумски континутитет. Значи не сме му дораснати да размислуваме за неговата иднина, туку ја гледаме сегашноста во тие неколку години. Веќе утредента, најавуваме рушење на Универзалната сала, најголемиот симбол на таа хуманост, воиграна со „добрата мисла“ да се остави сепак по рушењето – урбана археологија преку функцијата на „Летна сцена“. Апсурд! Прво осудувате на смрт, а потоа го плаќате скапиот погреб од грижа на совест…“.
Пак ни се враќа сликата како урбаните мафиози си замислуваат изградба на дузина згради со скапа цена на квадратот на тоа „митско место“.
Кој и да прави проект има готови и корисни податоци пред себе
И граѓаните беа видно лути на оваа игра а Шилегов пак прави рикверц, кој знае кој во последните децении. Ефектот е поправен со наводниот подарок кој новиот проектант го дава како негов „гратис“ на градот.Се работи за Бујар Муча. На новиот старт на програмата дојде и премиерот Заев.
– Што ќе биде ново и што се подаруува – коментира Бојс. – Во сите институции стојат моите проекти во аутокад верзија и со илјадници корисни податоци. Доволно е што ги има оние од предмерот на просторот… – резигнирано рече тогаш Ситновски.
И измина времето. Песочниот часовник се сврте наопаку и дојде на чело на градот актуелната градоначалничка Данела Арсовска со својот инает и не даваше објектот да се гради и покрај тоа што парите беа од државата! Обновата на Универзална отпрвин не ја прими ниту како подарок. Потоа се согласи ама изминаа две и пол години . Лордмерката која нема ниту еден сериозен проект реалиозирано зад себе, ниту започнато по толку изминато време, веројатно се свести дека треба да се согласи со нешто што неа не ја чини ниту денар ама ќе се огребе од задоволството на сограѓаните по завршување на објектот.
Пожарот создаде кај неа моментна неизвесност и таа како личност која е дел од вмроовското милје веднаш од фиоката вади направен говор. За да се огради од ситуацијата за која и сама е многу виновна, бидејќи не стори ништо да се расчисти со еден објект кој е опасност сам по себе!
Град Скопје бара Министертвото за внатрешни работи итно да ги истражи причините за пожарот на Универзална сала. И треба нејзина „дозвола“.
„Доколку се детектира дека е во прашање човечки фактор и е мотивирано од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност“, соопштија од Град Скопје.
Што покажува оваа изјава. Дека Арсовска е одново со своите мисли онаму каде не добива само дел од славата и пофалбите, туку само насетува мирис на медот за што секако е вистински стручњак и мора и самата да лизне од добивката. Се работело само за уцена која започнала од првиот ден на нејзиниот мандат. Зошто не излезе со вакво образложение за сомнежите уште тогаш?! Нејзините факти како да излегле од шегите за русокосите. Општо и „применливо“ за било која инвестиција во било кој град и во било кое време. Затоа е поставена таму каде што се наоѓа и која со фотелјата си добила свои задачи. И таа го држеше ножот од „Ориент експресот“ цели две и пол години во своите раце и се нареди во редот да го доубие сентиментот на своите сограѓани.
За кого секако инаку не дава ниту пет пари.
Нека ги праша што мислат оние кои ја избраа за оние недоизградени страшила на плоштадот (кој е нејзина надлежност, како и новогодишните елки) кои таму стојат 15-тина години, пет пати подолго од времето кое законот го дозволува да се доврши еднаш заапочнат објект. Посебно од такви габарити. Ало, се слушаме?