– Кога политичарите не размислувaат со разум, туку со срце, многу работи, а особено во надворешен план може да ги афектираат, вели во изјава за „Фронтлајн“ универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, коментираќи го однесувањето на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, која за време на свечената изјава во Собранието не го користеше уставното име на државата, по што следеа реакции од Грција и ЕУ.
„Државата беше опоменета уште за време на изборната кампањата од страна на СИРИЗА дека ќе предложи одредени санкции во самиот Парламент. Ова е многу лошо за билатералните односи, кои што за среќа беа поправени. Неодговорноста на нашите политичари оди дотаму – што едноставно немаат вистинска проценка на тие билатерални односи, особено со нашиот најмоќен сосед Грција. На овој начин ја втеруваме Грција да се солидаризира со Бугарија во однос на нашите барања за европската преговарачка рамка, и може да ја користи и употреби својата блокада кога сака“, истакнува Ружин.
Тој изрази жалење што во државата имаме неодговорни политичари, што во еуфорија ги забораваат основните вредности.
„Во Европа луѓето се борат за вредности и ги потврдуваат тие вредности. Кај нас изгледа дека ги забораваме тие работи и го истакнуваме сопственото его и емоции, а не рационалноста“, изјави Нано Ружин.
Д. Ј.