Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска била нападната во саботата, од маж од Богданци, среде бел ден, во угостителски објект во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје, кој вербално и се заканувал (според очевидци и тргнал кон неа, најверојатно со намера и физички да ја нападне), по што (за среќа на Кацарска, но не и на нарачателите) реагирало нејзиното обезбедување од МВР кое постојано е со неа, и лицето веднаш било уапсено.
Во соопштениет на МВР за настанот се вели „Денеска (18.05.2024), полициски службеници од Полициската станица Центар во 14.00 часот го лишиле од слобода В.П.Г.(57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите: ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш!’. Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик, за загрозување на сигурноста“, велат од МВР.
Предходно, во средата, во подземна гаража на зграда во Центар, кадe што живее Кацарска, беше поставен импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Обвинителството и полицијата уште не го откриле „креаторот на перформансот“ во гаражата.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и предходно беше на удар на закани, кога беше вербално нападната и на плажа во Грција, додека го водеше судењето за организираниот напад на Собранието 27 април 2017 година.
Но, нападите и заканите кон Кацарска особено се засилија пред и по завршувањето на претседателските и парламентарните избори, чиј епилог беше победа на ВМРО – ДПМНЕ и нивната претседателска кандидатка, Гордана Силјановска – Давкова.
Кацарска беше на удар на ВМРО – ДПМНЕ и во нивната изборна кампања, на што реагираше и самата откако во еден од спотовите во кампањата ВМРО – ДПМНЕ го користеше нејзиниот лик, за што таа смета дека станува збор за злоупотреба на нејзиниот лик и име.
„Подолг временски период лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го споменува моето име, нарекувајќи го судството во земјава „Кацарска судство“. Но, сега се отиде и подалеку, односно моето презиме и мојот лик се употребуваа и во претседателската кампања, а се продолжи и на овие парламентарни избори“, изјави Кацарска за Фактор, за време на кампањата, пред да се случат заканите.
Мицкоски и предходно водеше хајка против Кацарска и уште неколку судии кои не му беа по мерка (односно не беа од „тефтерче на Горде“), обвинувајќи ги, како што ги нарекуваше, „Кацарска-судството“ дека имаат за цел да го уништат ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова Кацарска судство и Русковска обвинителство со овие искреирани, исценирани сведочења на кои што сме сведоци изминативе денови има за задача да го реализира проектот како да се уништи ВМРО-ДПМНЕ“, ќе рече Мицкоски во една прилика во 2019 година при средба со симпатизерите и членовите на партијата од Кисела Вода.
Ова секако ќе остане забележано во колктивната свест на симпатизерите на ВМРО – ДПМНЕ, кои обвинувањата на Мицкоски ги земаат здраво за готово, што денес ќе доведе до отворени закани кон (неподобни) претставници на судството.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Мицкоски не застана тука со напади врз судството, и неодамна, во обраќање на Самитот „Македонија 2025“ рече дека главен предизвик (за идната влада на ВМРО – ДПМНЕ) ќе бидат реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека нивна цел е да ги распуштат оние кои довербата во правниот систем ја свеле на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање, на што реагираа од Судскиот совет велејќи дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна и мешање во судството е атак за едно демократско општество. Но, пораката веќе беше испратени, и хајката започна.
Масло на огнот долеа и сега веќе новата претседателка, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова која во предизборната реторика најави дека доколку дојде на позицијата шефица на државата, ќе ги помилува осудените од 27 април.
Пламенот на реваншизам и линч дополонително го разгоре и со тврдењето дека делото што им било ставено на товар за време на судењето за упадот во Собранито („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар, што одредени членови и симпатизери на партијата која ја кандидираше го сфатија како отворена сезоната за лов на неистомисленици.
Покрај досегашната хронична неказнивост на заканите и говорот на омраза во нашето општество, до израз доаѓаат и медиумите кои неодговорно, некои секако и по нарачка, ги глорифицираат ваквите „антихероите“ ( сетете се на Ламбе и палењето на бугарскиот клуб во Битола) па така и сега, портал близок на ВМРО – ДПМНЕ, побрза да го интервјуира заканувачот на Кацарска, Македонецот Мајк В. Поп Гинов кој живее во Шведска, правејќи од него маченик во име на македонизмот.
Преземено: Цивил Медиа