Левицата претставена од СДСМ на македонскиот политички спектар мора да се ребрендира, консолидира, репозиционира, реструктуира и базира на своите основни постулати преку кои била позната и репрезентативна политичка партија пред своето гласачко тело, велат за „Фронтлајн“, познавачите на политичките збиднувања во земјава, зборувајќи за понатамошното патување на довчерашната владина, а идна најголема опозициска партија во државата СДСМ.
Новинарот Ацо Кабранов смета дека СДСМ треба прво да се среди, како што вели – „да престанат внатрепартиските игри и кавги“.
– Да се фатат за работа на терен, а не во канцеларии – како што практикуваат. Ако продолжат како последниве години на следните избори нема да бидат ни втора политичка сила во државата. Нив им престои сериозна работа, кадровски промени ако сакаат да ја дигнат партијата што сами ја урнисаа. За поразот на изборите според многумина очекуван виновни се пред се тие. ДУИ им наштетил на рејтингот толку колку што тие им дозволија, а богами последниве години место да работат повеќе беа посматрачи во владата и им препуштија ДУИ односно Груби да ги води, изјави Кабранов за „Фронтлајн“.
Џелал Хоџиќ – претседател на Странка на Демократска акција на Македонија (СДА) – вели дека новата Влада во најава има време да ги консолидира партнерите, да ја прецизира новата владина програма и по изборот во Собрание и потоа во Влада да ги превеземе институциите.
Од друга страна, додава нашиот соговорник, опозициските партии за тоа време треба да се конослидираат и џентлменски да и дадат на новата Влада 100 дена за адаптација.
– Важно е да се види како новата Влада ги подразбира евроинтеграциите, посебно ако ги имаме во предвид потребите за Уставните измени и реакциите на меѓународната заедница во делот кога не се користи уставното име на државата. Во таа смисла индикативна е изјавата на Габриел Ескобар, дека имаат ветувања од ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе остане посветена на европскиот пат. Јас не гледам друг начин освен како сите демократски општества, да и се остави време на новата Влада да ги преземе институциите и во првите 100 дена да го покаже курсот по кој ќе ја води државата. За тоа време сите опозициски партии ќе имаат време за анализа на резултатите и врз основа на нив да постават свои агенди на дејствување, вели Хоџиќ за „Фронтлајн“.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски нагласува дека СДСМ треба „да се врати на својата автентичност“.
– СДСМ да се врати на својата автентичност. Мора да се исчисти од досегашните свои кадри кои го постигнаа историскиот најлош резултат досега и да почне со нови, свежи, кредибилни и авторитетни луѓе кои ќе го вратат моралот и довербата прво кај членството, па потоа и граѓаните. Доколку не го стори тоа, ризикува да се маргинализира и да заврши како ПАСОК во Грција или БСП во Бугарија, традиционална левица која освојува само 15-20% од гласовите и е далеку од изборна победа или конкурентност на десницата, изјави Благојче Атанасоски – политички аналитичар.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција на партијата на вчерашниот состанок на Извршниот одбор. Ова следува по изборниот неуспех на СДСМ на претседателските и парламентарните избори пред две недели, по кој Ковачевски најави избор на нов партиски претседател и на партиско раководство.
Во дописот кој Ковачевски го достави до Извршниот одбор и до претседавачот на Централниот одбор, тој вели дека повлекувањето од лидерската позиција во партијата е високо морален чин во контекст на изборниот пораз на СДСМ и врз основа на, како што вели, пасивноста на дел од членовите и симпатизерите на партијата, вклучително и најголемиот дел на избраните и именуваните функционери на централно и локално ниво.
Дестан Јонузи