Не стивнуваат коментарите во јавноста после скандалот на претседателката Гордана Силјановска Давкова во Рим.
„Таа што стави венец во свое име, без држава, да си го плати престојот во Рим! Не со мои пари!“, пишува во објава на Фејсбук, Виолета Глигороска, алудираќи на венецот што на 24 мај претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова го положи пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.
Целиот настан заврши со скандал.
На лентата на венецот што таа го положи пишува само претседателка Гордана Сиљановска Давкова без да се наведе името на државата чија претседателка е.
Граѓаните во коментари на социјалните мрежи прашуваат – Во чие име претседателката Силјановска Давкова положи венец ако на лентата го нема името на државата на која е претседателка?
„Вака мајче ко ќе одиш во приватна посета и ко ќе си платиш од свој џеб. Од патриотизми на народна сметка преку глава ми е“, наведува во објава Ана Хаџиспироска.
„Патува со пасош на кој пишува Северна Македонија. Има лична карта на која пишува Северна Македонија. Избрана е за претседател на државата која под името Северна Македонија е запишана во сите меѓународни институции. Даде заклетва на Северна Македонија. Која глупост е да го направиш ова.“
„Како може претседателка на држава да не стави официјално име на држава“.
„Во што е поентата, свесно и упорно да се обезличуваме?“.
„Жалосно, бедно, претседателка на куќен совет!“…
Ова се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
И бугарскиот претседател положи венец, но за разлика од неа, на венецот што го положи Румен Радев јасно е наведено Република Бугарија.
Сиљановска Давкова, посетата на Рим и Ватикан, која е нејзина прва посета во странство по стапувањето на претседателската функиција, официјално ја почна со аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Ј. Ѓ.