Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Веќе извесно време во дел од македонските медиуми се води засилена руско – српска пропаганда, која дополнително се интензивираше по изгласувањето на резолуцијата за Сребреница, и пристигањето на западната помош за Украина и одобрувањето на „ограничено“ користење на западното (американско) оружје врз воени цели на руска територија, таа особено стана активна пред и за време на изборите во Европската унија, преку зголемениот бран лажни вести на Интернет во обид да влијае врз гласањето пред парламентарни избори за Европскиот парламент, за што предупредуваа претставниците на ЕУ и експертите за дезинформации.
Како што пишуваше тогаш ЦИВИЛ Медиа, европратениците по откритијата за обиди од страна на Кремљ за вмешување и поткопување на европските демократски процеси, усвоија резолуција со која го повикаа политичкото раководство во ЕУ и земјите-членки итно и енергично да се спротивстават на обидите за руско мешање.
Сега истиот тренд продолжува и по објавените резултати од гласањето за еврпскиот парламент во неделата. Како што забележа Мониторинг тимот на Цивил, некритички се пренесува навредливата изјава на претседателот на Државната дума на Русија, извесен Володин: „Макрон и Шолц се срам за Европа“, во која ги коментира резултатите од Европската Парламентарни избори (ЕП), објавени од рускиот пропагандистички канал Спутник…
…како и објавата на заменик претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев на Икс во која со непримерен говор ги пензионира Шолц и Макрон и ги испраќа на ѓубриштето на историјата.
Настрана што коментарите доаѓаат од високи политички претставници на земја во која се задушени повеќето основни човекови права, меѓу кои и оние за фер и демократски избори, а на „неподобни“ противкандидати не им се дозволува учество во изборниот процес, а некои од нив завршуваат во затвор, кој на крајот, резултира со „ненадејна“ смрт, тука се споделуваат нивните паушални тврдења и навредувачкиот говор на омраза во функција на руската пропаганда дека во ЕУ ( кон чие членство се стреми и нашата земја) економијата стагнира, има миграциска криза, а земјите, според „рускиве експерти за европски прашања“, спротивно на нивните национални интереси, се вовлечени во војната во Украина, а „неспособната, идиотска економска и имиграциска политика на Шолц и Макрон кои ги поддржуваат националистичките власти во Украина по цена на животите на сопствените граѓани“.
Тука мора да го надополниме она кое при некритичкото пренесување на вести и изјави од руски извори овие македонски медиуми одбегнуваат да го именуваат со вистинското име – руската војна во Украина, што започна со целосната, неиспровоцирана руска агресија врз Украина пред три години.
Карактеристично за овие македонски портали е што според вообичаената пракса, пропагандистичките објави од Кремљ пренесени од руски извори, инаку забранети да емитуваат на територијата на нашата земја, се објавуваат речиси синхронизирано, во содејство со колегите од медиумите од соседна Србија,
Изјавите на некојси руски функционери, ирелевантни за ЕУ и за нашата земја, но во функција на анти-ЕУ и антизападните наративи на руските пропагандисти, во про-рускиот дел од македонските медиуми се објавуваат интегрално, некритички и непотврдени, со единствена цел да ги девалвираат придобивките од европските демократски процеси и да ја поткопаат евроатлантската определба на Северна Македонија.
Преземено: Цивил Медиа