Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Од осамостојувањето до денес, повеќе или помалку, македонската културна сцена секогаш непосредно зависела од културната политика. Попрецизно, од актуелната владина административна политика и секако, од личните погледи, разбирања и ангажирања за и во културата на актуелниот министер. Горе- долу, такви биле и периодите на егзистенција на македонската култура во изминативе три и нешто декади. Со подеми и со падови.
Денес, генерално гледано, македонската култура е некаде пак на почетокот на градење на својот стратегиски концепт. Пред новата влада и пред новиот министер е практично чист терен за нов план. За стратегија која на македонската култура ќе и го одреди генералниот правец, амбиент кој ќе и ја овозможи во континуитет да ја ослободува својата творечка креативна енергија и да ја валоризира и трасира на јавната културна домашна и светска сцена. И, кажано и во „политичка смисла“, која реално цивилизациски ќе го отсликува и ќе го проектира актуелното македонско плурално културно општество на кое неминовно му е потребна и институционална, ама и идејна инфузија.
Оттука, од овој субјективен суд, многу е важно како новиот министер ќе ја објективизира стварноста и како, на кој начин, со кои пориви и инспирации и секако, со каква и колкава севкупна материјална и морална поддршка од државата, од буџетот ако сакате, ќе успее да го насочи македонскиот заринкан реморкер.
Па, пред новиот културен кормилар, пред новиот министер стојат многу предизвици. Пластично кажано, бидејќи досега најнеуспешното министерување на довчерашната министерка кај која примитивната карактерна суета практично ги ништеше како институционалните, така и индивидуалните заложби на бројните културни работници, очекувањата се дека тој, пред сѐ, еве и ова нека е најсубјективно, треба да се покаже како човек. Можеби да тргне од Декартовата „Cogito, ergosum!“ („Мислам, значи постојам“), односно, прво да се потпре на сопственото мислење како прв и основен принцип, но, втемелено на сето останато познавање – субјективно и објективно, искуствено и теоретски. Сосема спротивно всушност, од министерката претходничка.
И секако, да ги отфрли сите заблуди и грешки и да тргне од почеток, без претпоставки, без навраќања во минатото. Да биде човек, значи етиката да ја смести на првото скалило, а потоа и сè останато врзано за хуманизмот. Да го вреднува секое човечко битие и да верува во човечкото во секој поединец, да го согледа и да го истакне човечкото достоинство, да ја забележи способноста, луцидноста на уметникот кој се изложува креативно, а притоа да ја сочува разумната објективност.
Лагата и лицемерието, недовребата, неспособноста да се согледаат реалните кризи, неспособноста за нивно решавање со цел за општото, а не за индивидуалното добро, завидливоста, кратковидоста, неумеењето да се увиди длабочината на одредена проблематика, нека бидат „постулатите“ на кои треба да заборавиме. Врз тие „вредности“, новиот министер за култура никако не смее да се потпре. Треба да го направи сосема спротивното, за да ги избрише од колективната меморија на културните дејци, а поставени во не толку далечното минато, и да втемели нови, кои ќе донесат само добро. Со тоа, раздорот и злото присутни во скоро сите институции, полека, но сигурно ќе исчезнат. Бидејќи, нели, онаа познатата „рибата смрди од главата“, во многу случаи се покажува како точна.
Се случи крајот на една непосакувана културна политика која се надеваме нема да се повтори. Крајот на една сага којашто почна навистина ветувачки со една друга политичка гарнитура, но, која за жал, ја зафати кризата со пандемијата на Ковид. Потоа, се случи една поинаква пандемија, вирус на неукост, која како да се вбризга во секоја пора од културното живеење. Токму затоа, фокусот кон иднината во која е сместен и енормно значајниот проект „Скопје 2028“, со целосна реформација на културните политики, е еден од главните приоритети на сите оние кои работат во монументалниот академски објект, во минатото локација за командниот гарнизон, а денес Министерство за култура, сместен на прекрасната улица „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 во центарот на главната метропола. Самата локација и извонредноста на објектот, со фантастичен, но неискористен двор, треба да бидат почетната точка за да се направи нешто извонредно! Звучи романтичарски, но, впрочем, фантазијата е неизоставен дел од уметноста. За бирократските елементи, секако постојат закони и принципи, кои постепено ќе треба да се менуваат за што потранспарентна и подостапна инволвираност на сите засегнати во оваа сфера на делување.
Познавањето на културата, на капацитетите на културните дејци, на талентите на уметниците, особено на оние кои допрва доаѓаат на сцената, оние кои ќе нѝ ја креираат иднината, познавањето на функцијата на културните институции и нивната суштина на постоење, познавањето на сржта на независната сцена и на креативната моќ на уметничките здруженија и асоцијации како двигатели на целокупната култура, е нешто што секој министер за култура треба да го носи со себе како знаење и како искуство, веројатно од самото раѓање. Во случајов, станува збор за реализиран актер, во години кога треба да ја поседува најповолната енергија за да создаде нешто велелепно, нешто навистина добро по кое ќе се памети. Иако е кадар на новата политичка гарнитура, не е човек „паднат од небо“, што е прв знак кон некаков успех. Но, доколку тимот којшто ќе го собере околу него, задолжен за секој сектор во културата, биде составен од некадарни луѓе бирани единствено по партиски принцип, тогаш без сомнение ќе биде прв знак за неуспех. Уште еден неуспешен подвиг, се разбира, би бил изборот на менаџери на културните институции, доколку тоа се луѓе кои се веќе видени како во минатото делувале на истата позиција, а постигнале скоро ништо, или луѓе кои не ја познаваат проблематиката на самата уметничка куќа, а се исклучиво политички кадри. Во тој случај, секако нешто ќе зачкрипи, бидејќи, ако еден темел на куќата се ниша, тогаш целата ќе падне по првото невреме.
Она што новата владејачка гарнитура се обидува да го наметне во својата реторика, е и издигнувањето на пиедестал на националната стратегија. Секако дека е тоа еден од главните генератори на „културниот рингишпил“, но, неопходно е да се разбере или да се перцепира низ призмата на мултиетницизмот и да се даде фокус на автономното творештво. Во спротивно, ќе следува изолација на културата, што е спротивно на европските тенденции и политики. Оттаму, добро поставена национална културна програма, ќе донесе и добра локална и меѓународна презентација, и секако, еднакви права за сите и разноликост во уметничкото творештво. Да се стави крај на агонијата во којашто се наоѓа Законот за култура, оти тоа секако ќе биде некаква оска, околу која ќе ротираат културните елементи. Распределбата на финансиите е исто толку битна алатка во спроведување на рационални решенија, потоа зголемен буџет за продукција во сите сектори, со тоа и незапирлив стимул на македонското творештво, за што секако се неопходни и релевантни комисии кои ќе одлучуваат за иднината на проектите, добар план за меѓународна презентација, лесно и достапно аплицирање на проектите, капитални проекти како на пример, целосна реконструкција на Опера и Балет, Драмски театар, Универзална, МКЦ…, соединување со Градот Скопје за подобар проток на информации и настани итн…
Надеж има, а има и можности.