Собранието на Северна Македонија денеска го одбележа Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека настанот од пред 29 години се уште е свеж во колективната меморија, додека изрази сочувство до семејствата на загинатите, граѓаните и институциите на Босна и Херцеговина.
Гаши понатаму рече дека на децата и на идните генерации мора да им се покаже дека различностите мора да се почитуваат и дека геноцидот во Сребреница не смее да се заборави и не смее да се повтори.
„Во име на пратениците во Собранието и во мое лично име, изразувам искрено сочувство до жртвите на геноцидот во Сребреница, членовите на нивните семејства, граѓаните и институциите на Босна и Херцеговина и нашите сограѓани од Босна.
Геноцидот во Сребреница пред 29 години се уште е свеж во колективната меморија, особено кај граѓаните од овие простори. Во јули 1995 година, за само неколку дена, повеќе од осум илјади Бошњаци, на возраст од шест месеци до 90 години, беа убиени во едно од најголемите злосторства на територијата на Европа по Втората светска војна. Илјадници семејства останаа без синови, татковци, браќа, сестри, мајки…
Со стотина исти или слични презимиња испишани на мермерните плочи во Поточари, тие се неми сведоци на егзекуцијата на цели генерации во едно семејство.
Мора да испратиме порака до нашите деца, идните генерации, дека мора да ја почитуваат различноста и да се спротивстават на омразата, предрасудите и стереотипите. Затоа, геноцидот во Сребреница не смее да се заборави, но и да не се дозволи да се повтори“, рече меѓу другото Африм Гаши.
Д. Т. / Цивил Медиа