Премиерот и лидер на ВМРО ДППНЕ, Христијан Мицкоски, инсистирал владиниот партнер – коалицијата ВЛЕН (Вреди) да се трансформира во еден политички субјект, од четири партии што се во оваа коалиција (Алијанса за Албанците – крилото на Арбен Таравари, Демократското Движење на Изет Меџити, Движење БЕСА на Билал Касами и Алтернатива).
„Фронтлајн“ од партиски извори во политичкиот табор на парламентарното мнозинство дознава дека барањето на Мицкоски за ВЛЕН да стане еден политички субјект е поврзано за подобро функционирање на владината коалиција и Премиерот да разговара со еден лидер на партија – а не со четворицата кои имаат различни барања.
Во коалицијата ВЛЕН веќе е отворено прашањето за спојување на коалицијата ВЛЕН во една политичка партија, но се уште нема конкретна одлука за ова прашање.
– За ова прашање разговаравме отворено во рамките на коалицијата ВЛЕН, пред и по изборите. Тоа е отворена тема. Мнозинството членови на сите партии се со став дека сите коалициски партии треба да се соберат во еден субјект, но конкретна одлука нема, велат за „Фронтлајн“ високи партиски извори од коалицијата ВЛЕН.
Партиски извори од оваа коалиција информираат и дека претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами, сепак, е еден од оние кои не сакаат да го забрзаат формирањето на нов политички субјект. Според истите извори, тој бара посериозно да се позанимава со ова прашање по локалните избори следната година.
Касами ги кажал овие забелешки или несогласувања, според истите извори и на средбата меѓу лидерите на коалицијата ВЛЕН што се одржа на почетокот на август – која завршила со формирање на работно тело со девет членови од четири политички партии.
„Начелно, експонентите на Демократското движење и на Алтернатива се согласија со идејата за формирање една политичка партија“, вели нашиот извор.
Според проекциите, доколку се реализира оваа идеја, тогаш – се очекува лидер да биде Арбен Таравари, Изет Меџити прв потпретседател, а Билал Касами и Зеќирија Ибрахими од Алтернатива би ги извршувале должностите потпретседател и организациски секретар.
Дестан Јонузи