– Во услови на неиспорачани резултати, а огромни очекувања, власта е принудена да импровизира, вели во изјава за „Фронтлајн“, Ивон Величковски – лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија, коментирајќи ги политичките и економските актуелности во земјава.
– Кадровски, оваа влада е “пријателска”, сведена на пријатели, кумови и братучеди. Политички, владеењето на правото, борбата со корупцијата, судските реформи, евроинтеграциите – се е во застој. Економски и социјално – останува истата економија на буџетска зависност и ниска продуктивност. Во такви услови – власта очигледно е принудена да се однесува „пиромански“ во меѓуетничките односи: прво да потпалува оган, а потоа да се претстави дека го гаси, вели Величковски.
Според него, она што ги изненадува е отпорноста на опозицијата да не влезе во етно-партиско договарање и да не наседне на провокациите со кои власта проектира политичка дестабилизација преку толерирање на говор на омраза – било кон припадниците на народите во Северна Македонија, било во соседните држави.
„Владата на СДСМ во време на најголема здравствена и економска криза можеше да покачува плати, Христијан Мицкоски и неговата Влада само покажуваат колку се неспособни, бидејќи не може да се справат со предизвиците“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче истакна дека политизирањето на барањата на Синдикатот од страна на Мицкоски е навреда не само за синдикатите туку и за сите работници во Македонија.
– Сметам дека тоа е обид да се дефокусира вниманието на граѓаните и на јавноста од навистина големите скандали коишто се случуваат веќе на почетокот на работата на владата – би рекол една ужасна неспособност од страна на Мицкоски да се справи со сите предизвици. Ако Владата на СДСМ можеше да најде пари во наголемите кризи во Ковид кризата, енергетската криза за време на почекот и во време на војната во Украина навистина сметам дека приказни за мали деца или изговор е да се каже дека во буџетот нема пари, нагласи тој.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) инсистира зголемувањето на платите да биде ова година.
– СОНК очекува продолжување на социјалниот диjалог, односно разговорите со Министерството за Образование и Наука, која што вели дека во буџетот на МОН нема пари за повисоки плати и сега топката се префрлува на повисоко ниво, на ниво на Влада и министерство за Финансии. Така што, ние наредниве денови треба да се вклучиме во преговори со Владата, највeројатно и премиерот ќе се вклучи каде што ќе се обидеме да најдеме заедно решение за да се надмине овој проблем. Имаме простор, имаме време до средината на септември да најдеме решение. Моето увeрување е дека ќе се најде решение, ќе се најдат срества – пари, затоа што СОНК бара тоа што е законски да почитува и плати, изјави за „Фронтлајн“, Јаким Неделков – претседател на СОНК.
Дестан Јонузи