Јужна Кореја најави преземање контрамерки, меѓу кои и снабдување на Украина со офанзивно оружје, во согласност со нивото на воена соработка меѓу Русија и Северна Кореја, откако Сеул предходно го повика рускиот амбасадор, барајќи „итно повлекување“ на севернокорејските трупи за кои имаат сознанија дека се обучуваат да се борат во Украина.
Северна кореја го обвини северниот сосед за испраќање војници во Русија за учество во војната во Украина, од кои, според разузнавачката агенција на Сеул, околу 1.500 севернокорејски војници, вклучително и оние од специјалните сили, веќе пристигнале во Русија.
Како што пренесува Би-би-си, на средбата со амбасадорот Георгиј Зиновиев, заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Кореја Ким Хонг-кјун го осуди потегот и предупреди дека Сеул „ќе одговори со сите достапни мерки“.
Зиновиев рече дека ќе ја пренесе загриженоста, но нагласи дека соработката меѓу Москва и Пјонгјанг е „во рамките на меѓународното право“. Не е јасно на каква соработка се мисли. Амбасадорот не ги потврди наводите дека Северна Кореја испратила војници да се борат со руската војска.
Подоцна во понеделникот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека соработката меѓу двете нации „не е насочена против трети земји“ додавајќи дека „не треба никого да загрижува“, според руската државна новинска агенција Тас.
Пјонгјанг негира додека ја зајакнува соработката со Москва
Како што пренесува Кијив Индипендент според објава на јужнокорејската новинска агенција Јонхап на 22 октомври, повикувајќи се на севернокорејски претставник во ОН, Северна Кореја тврди дека извештаите дека испратила војници да се борат со Русија против Украина се „неосновани гласини“.
Изјавата е прва јавна реакција на Пјонгјанг на повеќекратните извештаи за такво распоредување од Кијив и Сеул.
Јужна Кореја долго време го обвинува Северот дека и доставува оружје на Русија за употреба во војната против Украина, но вели дека сегашната ситуација го надмина трансферот на воени материјали.
Некои јужнокорејски медиуми наведуваат дека се очекува да бидат распоредени околу 12.000 севернокорејски војници.
„[Ова] не само што сериозно и се заканува на Јужна Кореја, туку и на меѓународната заедница“, рече Ким во понеделникот.
Москва и Пјонгјанг ја зајакнаа соработката откако нивните лидери Владимир Путин и Ким Џонг Ун потпишаа договор за безбедност во јуни, со кој се ветува дека нивните земји ќе си помагаат меѓусебно во случај на „агресија“ врз која било земја откако минатата недела Путин го претстави нацрт-закон за ратификација на пактот.
Недвосмислени и незаконски дејствија кои ќе предизвикаат значителна ескалација
Распоредувањето на војници на Пјонгјанг за борба на страна на Русија „ќе означи значителна ескалација“ во конфликтот, изјави во понеделникот генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Во телефонскиот разговор со Руте во понеделникот, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол ја повика алијансата да истражува „конкретни контрамерки“, додавајќи дека ќе преземе чекори за зајакнување на безбедносната соработка меѓу Јужна Кореја, Украина и НАТО.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, кој е во посета на Сеул, ги нарече дејствијата на Русија „непромислени и незаконски“, додавајќи дека Лондон ќе соработува со Сеул за да одговори, соопшти канцеларијата на Јун.
Соединетите Американски Држави и Јапонија исто така ги осудија продлабочувањето на воените врски меѓу Северна Кореја и Русија.
Во меѓувреме, како одговор на прашање на Би-Би-Си за наводната соработка меѓу Северна Кореја и Русија, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан рече дека Кина се надева дека сите страни ќе работат на деескалација на ситуацијата и ќе се стремат кон политичко решение на украинската криза.
Некои одбранбени експерти изјавија за BBC Korean дека вмешаноста на Северна Кореја може да ја искомплицира војната.
„Вклучувањето на Северна Кореја може да ја отвори вратата за поголемо меѓународно учество во конфликтот, потенцијално привлекувајќи повеќе земји“, рече Мун Сеонг-мок од Корејскиот Национален институт за стратегија.
„Меѓународната заедница најверојатно ќе ги зголеми санкциите и притисокот и врз Русија и врз Северна Кореја, но останува да се види дали вмешаноста на Северна Кореја навистина ќе биде од корист за која било земја“, рече д-р Мун.
Но, други веруваат дека руските воени единици ќе имаат потешкотии да ги инкорпорираат севернокорејските трупи во нивните фронтови. Освен јазичната бариера, севернокорејската армија нема неодамнешни борбени искуства, велат тие.
Валериј Рјабих, уредник на украинското издание Defence Express, рече дека од севернокорејските војници може да се побара да чуваат делови од руско-украинската граница, што ќе ги ослободи руските единици да се борат на друго место.
„Би ја исклучил можноста овие единици веднаш да се појават на линијата на фронтот“, рече тој.
Русија може да сподели технологија за нуклеарно оружје со Северна Кореја
Постојаниот претставник на Јужна Кореја во ОН, Џункук Хванг пред Советот за безбедност на ОН на состанокот во понеделникот изрази загриженост за можноста Русија да сподели нуклеарна технологија за нуклеарно оружје со Северна Кореја, јавува дописникот на Укринформ.
„Северна Кореја ќе очекува дарежлива исплата од Москва во замена за нејзиниот придонес со војниците. Тоа би можело да биде или воена финансиска помош. Тоа може да биде технологија поврзана со нуклеарно оружје“, рече дипломатот.
Според постојаниот претставник, Северна Кореја најверојатно наскоро ќе стане „активен учесник“ во руската агресивна војна против Украина.
Хванг ја повика Русија веднаш да ги повлече сите свои војници од Украина и потсети дека траен мир во Украина е можен само во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право.
Според Кијив Индипендент, Јужна Кореја размислува да испрати тим од персонал во Украина за да ги надгледува севернокорејските трупи кои Русија може да ги вклучи во нејзината целосна војна, објави агенцијата Јонхап на 22 октомври, цитирајќи неименуван владин извор.
„Постои можност персоналот да биде испратен во Украина за да ги надгледува тактиките и борбените способности на севернокорејските специјални сили испратени за поддршка на Русија“, рече изворот.
Според Сергиј Кислица, постојан претставник на Украина во ОН , зависноста на Русија од севернокорејското оружје и жива сила ги разоткрива митовите за „моќта“ на Москва, пренесува Укринформ.
Тој потсети дека „заштита на нејзиниот соучесник (Н.Кореа),Русија го поткопа мониторинг механизмот за почитување на санкциите“ кога со своето вето го блокираше продолжувањето на мандатот на набљудувачката мисија, а на 30 април беше суспендиран.
„Ова уште еднаш докажа дека мафијашкиот режим во Москва нема никаква врска со целта за која постои Советот за безбедност“, нагласи Кислица. Исто така, стана очигледно дека „сета моќ на Русија е блеф“ и дека е „бензинска пумпа со нуклеарна бомба“, додаде тој.
Ова е „уште еден удар на митот“ за „втората најсилна армија во светот“, која во реалноста „моли од глобалните отпадници“, не само за оружје, туку и за работна сила, истакна тој.
Дипломатот потсети дека од 2023 година, Пјонгјанг и доставува оружје и муниција на Москва, вклучително и балистички ракети, што ги прекршува повеќе резолуции на СС. Всушност, КНДР стана главен снабдувач на муниција на Русија, со што ја разгорува и продолжува нејзината војна против Украина, нагласи дипломатот.
Според Kислица, додека на почетокот на инвазијата повеќето руски граѓани убиени во акција биле од домородните народи и други неруски етнички заедници, „сега Москва лови глави на сиромашни граѓани од трети земји, уште еднаш разоткривајќи ја длабоко расистичката, неоколонијална природа на нејзината режим“.
Севернокорејските трупи се веќе пристигнати
Додека во етерот кружат непотврдени информации од независни извори околу ангажманот на севернокорејските војници во руската армија, украински центар за стратешка комуникација и информациска безбедност (Справди) сподели видео кое наводно покажува како севернокорејските војници во руски воен камп добиваат опрема и се подготвуваат за распоредување против Украина.
Извор од военото разузнавање за Кијив Индипендент на 21 октомври изјавидека Руските власти уапсиле 18 севернокорејски војници кои ги напуштилеја своите позиции во руската Курска област, наговестувајќи дека дел од околу 11.000 војници од Пјонгјанг кои требаше да бидат распоредени за да и помогнат на руската војна против Украина на почетокот на следниот месец, некои веќе пристигнале, што е сосема спротивно на тврдењето на Пјонгјанг дека информациите за испраќање севернокорејски војници да и служат на Москва се само инсинуации.
Осумнаесет од нив ги напуштија своите позиции во руските региони во близина на украинската граница, објави Суспилне на 15 октомври, цитирајќи неименувани разузнавачки претставници, додека Хромадске објави, цитирајќи извор на воено разузнавање, дека околу 40 севернокорејски војници пристигнале во Русија за да разменат вештини со нивните руски колеги.
По обуката, 18-те Севернокорејци беа оставени во шума во Курската област без храна и инструкции неколку дена, што доведе до тоа тие да ја напуштат својата позиција за да ја најдат руската команда на 14 октомври.
Два дена подоцна, исчезнатите војници беа пронајдени и приведени од руските власти на приближно 60 километри (речиси 40 милји) од нивната првобитна позиција, напиша Хромадске.
Москва ја користи темата како елемент на психолошка војна
Истовремено, како што пренесува Укринформ, Центарот за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана на Украина објави дека не е откриено знаме на Северна Кореја во областа на населбата Цукурине во регионот Донецк, како на фотографијата што кружеше низ социјалните мрежи,.
„По проверка на информациите од воената команда, Центарот информира дека знамето на КНДР, чија фотографија е дистрибуирана на мрежата, во моментот не е пронајдено во областа на населбата Цукурин на оската Покровска. “, се забележува во извештајот.
Андриј Коваленко, шеф на ЦКС, приказната за знамињата на Русија и Северна Кореја, наводно забележани во оската Покровск е елемент на психолошка војна.
Според него, Русите „ќе ја ескалираат темата за Северна Кореја и ќе се обидат да ја искористат како пропаганда на страв против Украина. Ќе ги заплашат луѓето што е можно повеќе, ќе се обидат да ги искриват вистинските информации за 12.000 севернокорејски војници во Русија со лаги за стотици илјади“.
Драган Мишев / Цивил Медиа