По објавата за излегувањето на ЛДП од коалицијата со СДСМ во повеќе медиуми вчера вечерта, претседателката на партијата, Моника Зајкова за ЦивилМедиа изјави дека „ставот за настапот на ЛДП во Парламентот беше соопштен во месец мај“, кога таа јасно истакна дека партијата ќе настапува независно во Парламентот. Впрочем, ЛДП и во минатото настапуваше самостојно во Парламентот, без оглед на тоа дали е во опозиција или е во состав на владејачка коалиција, како што беше случај со прашањето на данокот во 2018 година. Тогаш, ЛДП не го поддржа законското решение на тогаш владејчката коалиција предводена во СДСМ за воведување прогресивен данок во земјата.
На прашањето за разликите меѓу ЛДП и СДСМ, Зајкова одговори дека е „сосема нормално партијата да има идеолошки различни ставови и политики од оние на другите партии, вклучително и на коалициониот партнер СДСМ“.
„ЛДП е самостоен политички субјект со либерално-демократска идеологија и е сосема нормално да има идеолошки различни ставови и политики од оние на другите партии, вклучително и на коалициониот партнер СДСМ, бидејќи првично, имаме како што напоменав различна идеологија, а оттука и програма и мерки на чие остварување работиме и тоа не е нешто ново“, изјави Зајкова за ЦивилМедиа.
На прашањето дали во ЛДП се разгледува можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, Зајкова не одговори конкретно, но е категорична дека партијата „ќе продолжи да дејствува со свои предлози и со поддршка на она што смета дека е добро за граѓаните и државата“.
„Доста беше од теми кој со кого ќе коалицира или како ќе настапува. Повикувам да работиме на политики и решенија за стабилна државата и задоволни граѓани. Ставот за настапот на ЛДП во Парламентот беше соопштен во месец мај од страна на партијата, по одлука на највисоките партиски тела. ЛДП ќе продолжи да дејствува со свои предлози и со поддршка на она што смета дека е добро за граѓаните и државата“, вели Зајкова во разговорот со ЦивилМедиа.
За настапот на изборите, претседателката на либералдемократите вели дека таа одлука ќе биде донесена од партиските тела „кога ќе дојде време за одлука за изборен настап“.
„По однос околу настапите на наредни избори секоја партија си одлучува во рамки на партиските тела и органи за тоа, кога ќе дојде време за одлука за изборен настап“, изјави Зајкова за ЦивилМедиа.
Моника Зајкова ја предводи Либералдемократската партија од ноември 2022 година. Само четири жени се претседателки од четириесетина активни политички партии во земјата.
По изборот за претседателка на ЛДП, Моника Зајкова изјави дека во нејзиниот мандат „може да се очекуваат повидливи политики со кои ќе се подобри животот на граѓаните“.
„Не сакаме популизам и лажни ветувања за работи кои не можат да се имплементираат, туку мали и јасни иницијативи што водат кон конкретни чекори кои ќе значат подобрување на животот и условите во државата“, изјави тогаш Зајкова.
Меѓу бројните иницијативи на ЛДП, спаѓа и онаа во октомври 2022 година, кога партијата поднесе иницијатива за донесување Одлука на Владата за употреба на локалните топоними за населените места во Украина на украински јазик, со нивна транслитерација на македонски јазик. Таква одлука не беше донесена.
За измените на Уставот, Моника Зајкова своевремено изјави дека за ЛДП не е спорен влезот на Бугарите во Уставот, а најави дека партијата ќе предложи и влез на еврејската заедница. Партијата сè уште ги застапува истите позиции.
Зајкова беше потпретседателка на ЛДП до 2022 и го наследи Горан Милевски кој партијата ја водеше од 2015 година.
Џ. Дерала / ЦивилМедиа