„Уставни измени до крајот на годината“ и „интересни настани“ во наредниот период – најави министерот за здравство и претседател на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Од друга страна и партнерот на Таравари, премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредниот период конечно патот на Македонија до полноправно членство, ќе биде широко отворен и ќе се вреднува според компетенции, а не билатерални прашања.
Но на што се должат овие најави? Како Мицкоски од тврдото „НЕ за уставни под Бугарски диктат“, сега гледа „дупка“ за напредок?
Петар Арсовски – политички аналитичар и публицист за „Фронтлајн“ вели дека не гледа дека Софија ќе се откаже од нешто што веќе го има добиено, а Мицкоски мора да добие нешто различно од сегашниот пакет.
– Јас може да видам две варијабли кои може да влијаат на тој став. Едното е средбата на ЕУ проширување во Будимпешта, која се одржа под претседателство на Унгарија, и второ средбата со Макрон. Можеби таму разговарале за некои работи кои влеваат некаков оптимизам. Владата цело време тврди дека е посветена на евроинтеграциите, но сепак домашните предизвици ќе останат. Обезбедување на мнозинство, обезбедување на некакви гаранции како што вели владата… Ние пакетот не сме го виделе, така што реално не можеме да процениме каков став ќе заземе владата, ако и кога ќе има некој став, анализира Арсовски.
Тој, не гледа дека Софија ќе се откаже од нешто што веќе го има добиено, но додава, дека ако се состави влада во Бугарија, и ако постои притисок од меѓународната заедница, да почекаме да видиме дали тоа ќе вроди со некаков плод.
– Засега не знаеме да оцениме дали може да се очекува или не некави гаранции од Софија. Мицкоски мора да добие нешто различно од сегашниот пакет, подвлече тој.
Ако се изгласат уставните измени Северна Македонија автоматски може да ги почне проговорите за членство во Европската Унија.
Дестан Јонузи