Потресни се сознанијата што ги сподели Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Н.Е. Лариса Дир, во ексклузивното интервју за Фронтлајн. Меѓу другото, амбасадорката открива дека „руските воени сили егзекутираат украински воени затвореници, вклучувајќи ги и невооружените и ранетите“ и дека „бројот на егзекуции на украински војници кои паднале во заробеништво е во пораст“.
Во ова интервју, нашата ексклузивна соговорничка ги открива механизмите што се ставаат во функција да се олесни состојбата на затворениците и киднапираните, но и дека рускиот агресор не ги прифаќа меѓународните норми и закони. Напротив, според Амбасадорката Дир, „систематското мачење и суровото постапување со украинските воени затвореници се случува во сите фази од заробеништвото“. Таа ја истакна улогата на ОН и ОБСЕ во напорите на украинската страна, но притоа открива дека рускиот агресор ги користи сите можни начини да ги блокира одлуките и напорите за помагање на лицата што се во заробеништво.
Н.Е. Дир, на прашањето што сака ѝ порача на меѓународната јавност, меѓу другото, изјави дека сака да ја истакне „важноста на меѓународната помош и посредување во ослободувањето на воените затвореници, цивилите и незаконски депортираните деца“.
„Имаме многу работа, бидејќи во Единствениот регистар на лица исчезнати под посебни околности, кој опфаќа и воени и цивилни лица, се внесени повеќе од 40 илјади лица. На ниту една земја не ѝ посакувам да има ваков регистар“, изјави украинската амбасадорка во ексклузивното интервју за Фронтлајн.
ФРОНТЛАЈН: Во светската јавност се познати сознанијата за тортура и егзекуција на воени заробеници и цивили од страна на рускиот агресор. Што се случува?
Амб. ЛАРИСА ДИР: Агресијата на Руската Федерација против Украина претставува најгрубо прекршување на меѓународното право. За жал, бројните заклучоци дека РФ ја прекршила и продолжува да ја крши Повелбата на ОН не влијаат врз донесувањето на квалитетна одлука од страна на Кремљ – да престане со кршењето на Повелбата на ОН, што би значело крај на агресијата против Украина.
Истото важи и за кршењето на Женевските конвенции од страна на РФ, кои ги регулираат методите на војување.
Руските воени сили егзекутираат украински воени затвореници, вклучувајќи ги и невооружените и ранетите. Убиството на воени затвореници е тешко злосторство. Бројот на егзекуции на украински војници кои паднале во заробеништво е во пораст.
Значајно е што Кривичниот законик на РФ предвидува казни за сурово постапување со воени затвореници и со цивилното население. Исто така, истиот Законик предвидува казни за планирање, подготовка, започнување и водење агресивна војна, па затоа Кремљ ја користи терминологијата „специјална воена операција“.
ФРОНТЛАЈН: Како реагираат Обединетите нации на овие тешки злосторства?
ДИР: Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина во март претстави извештај, во кој, меѓу другото, се документирани факти за егзекуции на украински воени затвореници.
Оваа суровост е израз на прогресивната бездушност на војниците на руската армија, фактичко дегенерирање на интелектот на Русите кои се вмешани во злосторства против човештвото, а исто така е елемент на заплашување на истите тие руси кои одлучиле да се продадат во воено ропство на руската армија и да заработуваат за живот со убивање луѓе.
Систематското мачење и суровото постапување со украинските воени затвореници се случува во сите фази од заробеништвото. Токму за тоа е документирано во извештајот на Високиот комесар за човекови права на ОН, објавен на 1 октомври 2024 година.
ФРОНТЛАЈН: Што презема Украина во овие случаи и како на тоа одговара агресорот?
ДИР: Украина постојано бара механизми кои можат да ги заштитат Украинците во рускиот затвор. Многу е тешко да се воспостави комуникација со руската страна, за која нормите на хуманитарното право се трансформирале во норми на суровост, нечовечно постапување и понижување на човечкото достоинство.
На РФ ѝ се предложени формати – учество на држава-заштитничка, која би помогнала да се спречи суровото постапување во затворот. Овој механизам е предвиден со Женевските конвенции, односно учество на друга држава која не е страна во конфликтот.
Друг механизам, кој може да биде ефективен начин за спречување на тортурата во затворот – формирање на мешани медицински комисии – еден лекар од страната што ги држи затворениците и двајца лекари од неутрални земји. Таков формат РФ не прифати.
ФРОНТЛАЈН: Што ѝ е потребно на Украина? Кои чекори треба да ги преземе меѓународната заедница за да се надмине оваа тешка состојба?
ДИР: Нам безусловно ни е потребна меѓународна поддршка за да се запрат суровите егзекуции на украинските воени затвореници, да се прекинат руските тортури. Потребни се иницијативи на меѓународните лидери за враќање на воените затвореници, незаконски притворените цивилни лица и незаконски депортираните или присилно преместените деца.
Украина ги користи сите платформи на меѓународните организации, како и оние платформи кои ги создава самата со поддршка на меѓународната заедница.
ФРОНТЛАЈН: Дали и на кој начин нашата земја може да се вклучи во поддршка на Украина за да се справи со овие злосторства? Во кои механизми може да се вклучат земјите во овој процес?
ДИР: Би сакала да се заблагодарам на Северна Македонија, особено на Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за неговото директно учество на Конференцијата за спроведување на Четвртата точка од Формулата за мир на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, „Ослободување на заробени и депортирани лица“. Настанот беше организиран од Канада, Норвешка и Украина. Учесниците на Конференцијата ја истакнаа потребата од развој на инструменти кои ќе го направат враќањето на украинските затвореници поефективно, масовно и побезбедно.
Во процесот на враќање на воените затвореници, украинските цивили и незаконски депортираните деца – многу важна е улогата на посредничките држави, и ќе бидеме благодарни на сите што ќе помогнат „да се допре“ до свеста на Русите, да се обезбедат соодветни услови за задржување на затворениците, како и да се запре практиката на држење лица без контакт со надворешниот свет. Секако, тоа би било судбоносно чудо, ако Русија веднаш ги ослободи сите украински затвореници и притворени цивилни Украинци.
Се надевам дека усвоеното, како резултат на работата на Конференцијата, Заедничко соопштение „Човечка димензија“ ќе им помогне на сите наши пријатели и партнери да разберат каков алгоритам за помош може да постои, а на нашите непријатели – да се вратат на човечката димензија и да се обидат да бидат луѓе.
ФРОНТЛАЈН: Која е улогата на ОБСЕ како меѓународна организација?
ДИР: Би сакала да истакнам дека улогата на ОБСЕ во прашањето за враќање на украинските воени заробеници, цивилите, киднапираните украински деца, запирањето на мачењето и злоупотребата на украинските воени затвореници и цивили, треба да се зголеми.
Познато е дека РФ го блокира функционирањето на ОБСЕ и прекршува бројни одредби од основните документи на ОБСЕ. Исто така, РФ го блокираше одржувањето на Конференцијата за Човечкиот димензион, обидувајќи се да избегне критика за злосторствата на руската војска против Украинците – мачењето и тортурата над украинските воени затвореници и цивили.
Мислам дека оваа многу болна тема ќе биде разгледана и на годишната седница на Советот на министри на ОБСЕ, која ќе се одржи на 5-6 декември на Малта.
За време на минатогодишното претседавање на Северна Македонија во ОБСЕ, темата за руската агресија беше клучна, но не беше постигнат консензус за многу прашања, поради ставот на државата-агресор РФ. Како што знаете, претходно, земјите-членки на ОБСЕ дури не успеаја да постигнат консензус за назначување на новото раководство на оваа Организација.
Деновиве, актуелниот Претседател на ОБСЕ, Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Малта, Јан Борг, ја посети Северна Македонија и го истакна цврстото партнерство меѓу Северна Македонија и ОБСЕ. Улогата на Тројката на ОБСЕ, Северна Македонија, Малта, Финска, за време на тековната војна на РФ против Украина е значајна – потребно е да се обезбеди соодветна функционалност и ефикасност на ОБСЕ.
ФРОНТЛАЈН: Која е Вашата порака до меѓународната јавност?
ДИР: РФ е агресивна, сите нејзини активности во војната против Украина се деструктивни. РФ го блокира работењето на меѓународните организации со универзален карактер, како и одржувањето на настани, конференции, на кои учесниците истакнуваат дека руската држава ги крши нормите на меѓународното право и дека нејзината армија се состои од убијци, мачители и киднапери на украински деца.
Дури и пред одржувањето на Конференцијата во Канада, што ја споменав, во низа на главни градови русите организираа многу настани со цел да го спречат одржувањето на таа Конференција.
Мојата порака е следната – сакам да ја истакнам важноста на меѓународната помош и посредување во ослободувањето на воените затвореници, цивилите и незаконски депортираните деца.
Овие воени злосторства на РФ продолжуваат и денес, и Украина бара помош за ослободување на сите украински граѓани.
Имаме многу работа, бидејќи во Единствениот регистар на лица исчезнати под посебни околности, кој опфаќа и воени и цивилни лица, се внесени повеќе од 40 илјади лица.
На ниту една земја не ѝ посакувам да има ваков регистар.