Општина Центар, соопшти дека ја расчистува дивата депонија во близина на трговскиот центар Ист Гејт Мол која не е под нејзина надлежност. Ѓубрето кое беше натрупано со години, а не беше собрано се чисти од страна на службите на Општина Центар.
Како што се наведува во соопштението, градоначалникот Горан Герасимовски денеска направи увид на лице место да види како се одвива работата на службите.
„Иако не беше во наша надлежност, ние минатата недела започнавме со расчистување на дивата депонија. Депонијата од стари двоседи, троседи, фотелји, бела техника, облека и смет се расчистува од општинските служби. Оваа депонија е и под надлежност на градот Скопје, а под градот Скопје е и јавното претпријатие Комунална хигиена. Но, непостапувањето на градот не не спречи ние да не постапиме. Срамота е и недозволиво ова што се случува, во нашиот град доаѓаат туристи, а во близина има голем трговски центар. Депониите се потенцијален извор на инфекции. Не само за оваа депонија, туку за сите депонии мора да водиме грижа и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Сите добро знаеме каде се фрла отпадот и сите треба да водиме поголема грижа за поздрава животна средина. Како општина секогаш ги засукуваме ракавите и бараме решение на проблемите за граѓаните да имаат подобри услови за живот“, рече Герасимовски.
Од Општина Центар велат дека во месец септември, општината ја расчисти депонијата со смет и токсичен отпад зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци биле вселени бездомни лица и зависници.
„Акцијата беше спроведена по пријава на станарите од околните згради. Ги повикуваме граѓаните да пријавуваат дива депонија на телефонскиот број 02 3203 693, или, пак на веб-страницата: https://www.centar.gov.mk/?page_id=6768“, се наведува во соопштението од Општина Центар.