Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
„Почитувани, Ве известуваме дека и покрај сите притисоци, од утре Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје ќе сообраќа редовно и во полн капацитет“, соопшти одделението за односи со јавност Град Скопје, околу полноќ.
За какви притисоци се работи не пишуваат. Но, не пишуваат ниту ЗОШТО НЕМАШЕ АВТОБУСИ цел викенд (сабота и недела), а за дел од граѓаните, оваа „сага“ продолжи и во понеделникот наутро, кога пробуваа да стигнат навреме на своите работни места.
Граѓаните нервозни, измрзнати, разочарани и вознемирени чекаа по цел ден автобус на автобуските станици низ главниот град или руралните наслеби, кои или доцнеа со часови, или воопшто не доаѓаа. Покрај студот, граѓаните се гушеа и од загадениот воздух.
За да стигнат дома или на работа, граѓаните беа принудени да викаат такси, роднини или пријатели за со кола да ги префрлат до одредена дестинација.
Прашањето е кој ќе им ги плати сметките на граѓаните кои си платија приватен превоз до дома, иако регуларно си извадија месечен автобуски билет или карта?!
Во разговор со неколку анонимни вработени во ЈСП, причината за невозењето на автобусите е дека немало нафта. И тоа не било од сега, проблемот со недостаток на нафта трае подолг период, но, дека „се снаоѓаа(т)“ со тоа што редуцираа(т) автобуси, односно исклучуваа(т) по еден автобус од одредена рута и така штеделе до сега.
Фејсбук страницата на ЈСП наместо да служи за информирање на граѓаните за тоа дали има или нема автобуси, таа повеќе служи како информативно гласило на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Граѓаните наместо да добијат бесплатен јавен превоз како што им било ветено за време на изборната кампања од Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, добија никаков превоз, односно 0 автобуси.
Власта и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ (кои претендираат да бидат татко на Градот) бараат од граѓаните да издржат до локалните избори во 2025, односно уште цела година, па кога ќе дошле тие на власт ќе го решеле проблемот со автобусите.
Само да ги потсетиме политичарите до следните избори – граѓаните не пијат нафта!