Две лица од Дебар, сопственици на угостителски објект и на интернет клуб, се приведени и за нив обвинителството побара изрекување парична казна во висина од 10 до 100 дневни глоби затоа што нивните објекти работеле иако во градот е прогласена кризна состојба.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Дебар, постапувајќи по денеска примена кривична пријава до Основниот суд во Дебар доставил предлог за издавање казнен налог против двете лица, кои се товарат за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
-Во текот на вчерашниот ден двајцата обвинети, сопственик на угостителски објект и сопственик на интернет клуб, не постапиле според определените прописи и упатства за сузбивање и спречување на заразна болест. При контрола од страна на службени лица од ОВР-Дебар е утврдено дека иако во градот е прогласена кризна состојба, локалите на двете лица се отворени за да им пружат услуга на граѓаните.
Постапувајќи спротивно на мерките за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар за што биле и приведени, а обвинителството побара изрекување на парична казна во висина од 10 до 100 дневни глоби, соопшти Јавното обвинителството.