Вкупно 44 лица се хоспитализирани на третата ноќ од протестите во главниот град на Грузија против владината одлука да ги прекине преговорите за влез во Европската унија, соопштија вчера официјални лица, додека протестите продолжија и синоќа – четврта ноќ по ред.
Десетици илјади демонстранти се собраа пред парламентот и синоќа, фрлајќи камења и палејќи факели, додека полицијата употреби водени топови и солзавец.
По четири часа полицијата успеа да го расчисти просторот околу зградата на парламентот.
За време на протестите пред парламентот во Тбилиси, повредени се повеќе од 110 припадници на органите на редот, соопшти грузиското Министерство за внатрешни работи. Грузиските медиуми јавија дека за време на протестот бил приведен еден од лидерите на опозициската партија „За промени“, Зураб Џапариѕе. Медиумите јавија дека тој бил приведен заедно со неколку демонстранти откако ја блокирале улицата со корпи за отпадоци.
– По насилните акции на демонстрантите на 1 и 2 декември повредени се 21 припадник на МВР. Службениците на редот се здобиле со различни повреди и ја добиле потребната лекарска помош. За време на протестите повредени се вкупно 113 припадници на МВР, од кои четворица се во болница, се наведува во соопштението на грузиското МВР.
Премиерот Иракли Кобахиџе повтори дека не е точно дека е стопирана европската интеграција на Грузија.